Се ,,врати” Тито во Тетово, Османи прогласи црн ден за Албанците
Потпретседателот на Демократската унија за интеграција, Бујар Османи, реагираше на одлуката на Уставниот суд за поништување на имињата на неколку улици и плоштади во Тетово, опишувајќи ја како „црн ден за Албанците“. Според Османи, одлуката за поништување на имиња како „Илирија“ и враќање на старите имиња, вклучувајќи и „Маршал Тито“, претставува удар врз, како што вели, албанскиот идентитет и чекор назад за земјата.

„Уставниот суд ја поништи одлуката за преименување на улиците и плоштадите во Тетово, враќајќи го името „Маршал Тито“ наместо плоштадот „Илирија“. Уште еден удар врз албанскиот идентитет. Уште една рана врз заедничката иднина. Уште еден чекор назад за оваа земја“, напиша Османи на социјалните мрежи.
„На крајот на краиштата, Билал Касами треба да биде среќен. Тој пишуваше поезија за Тито. Денес, Тито се врати во Тетово за време на неговата влада и владата на ВЛЕН. Албанците нема да го заборават тоа“, порачал вториот човек во ДУИ.
Уставните судии вчера ја укинаа одлуката од 2007 година со која во Тетово се изврши преименување на повеќе улици и на градскиот плоштад. Одлуката е донесена со мнозинство гласови. Судот пред неколку месеци поведе постапка со образложение дека тогашниот Совет на Општината не добил согласност од Владата иако тоа го предвидува законот за определување улици, плоштади и други инфраструктурни проекти.
Како резултат на тогашната одлука на советниците, плоштадот во Тетово од Маршал Тито беше преименуван во „Илирија“, а беа сменети и улиците „Радован Цониќ“, „Иво Рибар Лола“, „29 Ноември“.
Иницијативата пред Уставниот суд ја поведе Сојузот на борците на НОБ и граѓани од Тетово.






