Се затвораат сите ковид центри на скопските Интерни клиники, позитивните пациенти ќе се примаат само на Институтот за ТБЦ и на Инфективна

– Поради намалениот број на пациенти, од денеска се затвораат сите ковид центри на Интерните клиники и во Комплексот Мајка Тереза, ковид позитивни пациенти ќе примаат само во Институтот за ТБЦ и Клиниката за инфективни болести, соопшти Министерството за здравство.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани осум нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 142 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град.

Во последното деноноќие, како што соопшти Министерството, на Интерните клиники имало два приеми. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало двајца примени пациенти и четворица биле примени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во текот на вчерашниот ден.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 22 оздравени пациенти. Во ковид центрите на Интерните клиники се лекуваат 25 пациенти.

Во ГОБ 8 Септември има вкупно 49 болни, а на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби лежат 67 пациенти.

Вкупно 142 пациенти потврдени и сомнителни за Ковид-19 се лекуваат на инфективните одделенија во болниците во главниот град. Голем дел од пациентите, како што посочуваат од Министерството, се на кислородна поддршка.

– Бројот на приеми во изминативе денови се намалува и утрово до 8 часот имало 150 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места, наведуваат од МЗ и посочуваат дека сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имаат потреба од кислородна поддршка.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 237 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот.

– По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 26 пациенти, позитивни и суспектни на Ковид 19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 28 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 4 пациенти, во Велес се лекуваат 24 болен, а во Куманово 43 пациент позитивeн и суспектни на Ковид 19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 29 пациенти, во Прилеп 16, во ковид центарот во Гостивар 7, а во Струга 20 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 14 пациент, во Кочани 7 во Кичево 9, Кавадарци 7, а во Гевгелија 3 лица позитивни и суспектни на корона вирусот. Имајте предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти, наведуваат од Министерството.

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 379 и има околу 614 празни болнички кревети во ковид центрите. Поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти.

– Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла. Сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички  места до кои има довод на кислород. Министерството за здравство има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени, се вели во соопштението.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close