Се зголемува бројот на жртви во експлозијата во рудник во Кина

Најмалку 90 лица загинаа во експлозија во рудник за јаглен во северна Кина, објавија кинеските државни медиуми.

Државната новинска агенција Синхуа соопшти дека несреќата се случила во рудникот Лиушенју во покраината Шанкси, во сопственост на групацијата Тонгџоу.

„Новинарите на местото на експлозијата на гас во рудникот за јаглен Лиушенју дознаа дека 82 лица загинале во несреќата“, објави Синхуа.

Експлозијата се случила во петок во 19:29 часот по локално време, или 11:29 часот по средноевропско време.

Во времето на несреќата во рудникот работеле 247 рудари.

Спасувачките операции се уште се во тек, а кинеските власти сè уште не објавиле што ја предизвикало експлозијата.

Провинцијата Шанкси е еден од главните центри за производство на јаглен во Кина, а несреќите во рударството во Кина остануваат релативно чести и покрај заострувањето на безбедносните прописи во последните години.

Кинескиот претседател Си Џинпинг нареди итна операција за спасување и темелна истрага за причината за несреќата.

Си нагласи дека „сите региони и префектури мора да поучат од оваа несреќа, да останат постојано будни во однос на безбедноста при работа (…) и решително да спречат и локализираат големи несреќи и катастрофи“, додаде официјалната агенција.

Часови претходно, Синхуа објави дека луѓето заробени под земја се во „критична состојба“ и прецизираше дека нивоата на јаглерод моноксид, отровен гас без мирис, го надминале критичниот праг во рудникот во петокот.

На раните 2000-ти, фаталните несреќи беа чести во кинеската индустрија за рударство на јаглен, но безбедносните стандарди се заострени во последниве години.

Кинеското Министерство за управување со вонредни состојби испрати 345 лица од шест спасувачки екипи за да помогнат во операцијата.

Извор: nezavisen.mk

Back to top button
Close