Се зголемува животниот век на пациентите со три вида рак

Се зголемува животниот век на пациентите со три вида рак – на дојка, на бели дробови и на кожа (меланом) за разлика од пред неколку години кога смртноста беше поголема Тоа се должи на поквалитетен третман, нови лекови и поголем буџет за лекување односно поголемо издвојување по пациент на Клиниката за радиотерапија и онкологија. Бројот на нови случаи со некој од овие три вида канцер останува релативно стабилен на Онкологија, но вкупниот број на пациенти со овие дијагнози прогресивно се зголемува т.е. имаат подолг животен век и овие болести веќе ќе се сметаат за хронични.

Со рак на дојка нови пациентки годишно има помеѓу 800 и илјада, околу 700 е инциденцата на рак на бели дробови во минатите две години, а бројот на новодијагностицирани со мелаом е во пораст во последните пет години –  63 во 2020 и 174 во 2025.

Ова денеска на прес-конференција го соопштија директорите на Клиниката за радиологија и онкологија и на Фондот за здравствено осигурување, д-р Игор Стојковски и Сашо Клековски.

„Со канцер на дојка до пред четири-пет години на Клиниката имаше околу 5.000 пациенти годишно, а оваа година и лани имаме 7.000. Со канцер на бели дробови имавме 1.200 годишно во 2020 година, а оваа година се 1.743, а најдрастично покачување на преваленцата има кај пациентите со меланом – оваа година се 514 кои се третираат на Клиниката, а беа околу 200 во 2020. Кумулирањето на бројот на пациенти се должи, меѓу другото, и на иновативна терапија која е ефикасна за овие заболувања, како и поради алоцирање повеќе финансиски средства за третирање на овие пациенти“, рече д-р Стојковски.

На Клиниката во моментов функционираат три акцелератори, од кои еден е ставен во функција минатата година, по десетина години затворен во магацин. На презентацијата на резултатите денеска беше претставен и нов апарат за зрачење на метастази во мозокот за што пациентите досега биле упатувани во странство.

Извор и фото: nezavisen.mk 

 

Back to top button
Close