Седница на ИО: СДСМ нема да ги поддржи интерпелациите од ДУИ, против зголемување на старосната граница за пензионирање
СДСМ нема да ги поддржи интерпелациите на ДУИ, бидејќи тие не претставуваат решение на кризата во овој момент, било заклучено на првата седница на новиот состав на Извршниот одбор којашто се одржа вечерва. На седницата било нагласено и дека СДСМ е категорично против зголемување на старосната граница за пензионирање.
Извршниот одбор, како што стои во партиското соопштение, оценил дека „неприфаќањето на лидерската средба од страна на власта испраќа лош сигнал и ја потврдува тезата дека очигледно партии на власт и ДУИ немаат интерес од стабилизација, што е многу опасно за државата“.
Оттаму наведуваат дека за СДСМ загрижувачки се тенденциите за влошување на безбедноста и сигурноста на граѓаните и растечките тензии во општеството со загрозување на меѓуетничките односи.
-Во однос на поднесените интерпелации од политичката партија ДУИ, Извршниот одбор заклучи дека нема да ги поддржи и гласа за овие интерпелации. Тие не претставуваат решение за кризата во овој момент и може да значат нови поделби по етничка основа. Потребен беше поинаков пристап, да се седне на лидерска средба и да се упатат заеднички пораки за смирување на тензиите затоа што тој пристап е базиран на политичка зрелост, но власта тоа го одби, стои во соопштението.
Натаму, се наведува дека СДСМ остро се спротивставува на секој предлог за зголемување на старосната граница за заминување во пензија на 67 години. Таквиот чекор претставува директен удар врз работниците, нивното достоинството и труд.
-Станува збор за продолжување на погрешните политики за систематско потценување и експлоатација на трудот на граѓаните и работниците од страна на Владата предводена од ДПМНЕ. Наместо да обезбедат покачување на платите и подобри услови за работниците, власта сака на мала врата да протне мерки кои ќе ги примораат работниците да работат подолго само за да се финансираат трошоците од нивните популистички потези, додаваат оттаму.
Ваква мерка, стои во партиското соопштение, ќе придонесе за дополнителна дестимулација за вработување на младите, кои поради неповолните услови за пензионирање, уште повеќе ќе си го бараат чарето надвор од државата.
-Политиките на СДСМ во изминатите години го стабилизираa Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и значително ја намали финансиската дупка, дефицитот од 43 отсто се намали на 33 проценти. Сега ДПМНЕ спроведува погрешни политики со кои ja загрозува одржливоста на Фондот, го зголемува дефицитот, оценува ИО на СДСМ, додавајќи дека нивен приоритет ќе биде заштита на интересите на работниците и обезбедување услови за достоинствен живот.
Во однос на внатрепартиските активности, се посочува во соопштението, СДСМ веќе направи оперативен план и новото раководство на СДСМ од утре започнува со интензивни теренски активности, во сите општински организации.
-СДСМ ќе го менува пристапот и го враќа гласот на членството при креирањето на политики. До крајот на годината ќе го заокружиме и изборот на претседатели на општинските организации со што целосно ќе заврши процесот на обединување, се додава во соопштението од седницата на ИО.
Пратеничката група на Европскиот фронт вчера поднесе интерпелации за вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ и за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени.