Седница на СБ на ОН за Косово; Српскиот министер за надворешни наведува дека се уништуваат систематски основните права на Србите на Косово
Во Њујорк се одржува седница на Советот за безбедност на ОН каде се дискутира 6-месечниот извештај на ОН за работата на УНМИК каде српскиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ, во обраќање рече дека основните права на Србите во Косово не само што се игнорираат, туку систематски се уништуваат, дел по дел.
Ѓуриќ рече дека Србија го поздравува најновиот извештај на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, за работата на УНМИК како „скромен, но значаен чекор напред“ кон поизбалансирана и реална проценка на ситуацијата на Косово.
„Длабоко ја цениме улогата на УНМИК во зачувувањето на меѓународното право, заштитата на ранливите заедници и одржувањето на стабилноста во услови на растечки притисок. Но, мора да бидеме отворени: извештајот не го одразува целосно обемот на трагедијата што се одвива секој ден. Не е апстрактна криза, туку уништување на човечки животи, уништување на семејства што живеат во страв и уништување на детството за децата во 21 век“, рече Ѓуриќ.
Тој истакна дека режимот на премиерот Албин Курти во Приштина затворил 128 клучни институции во општини со српско мнозинство, како што се образовни институции, здравствени установи, установи за социјална помош, поштенски, пензиски и институции за вработување како и „филијалата на Црвениот крст во Зубин Поток и спортската сала во Лепосавиќ“.
„Во извештајот, исто така, се наведува дека „меѓународните актери ги критикувале ваквите потези како пречка за пристап до основни услуги, што влијае на социјалните, економските и културните права на граѓаните“, рече Ѓуриќ.