Седница за избор на Џафери ќе има кога ќе бидат доставени потребните потписи од пратеници за поддршка на предлогот за претседател на Собранието

Продолжението на конститутивната седница на Собранието на која тебаше да се реизбере претседавачот и претседател на минатиот собраниски состав Талат Џафери нема да се одржи денеска, а дел од пратениците велат дека тоа ќе се случи најверојатно утре. Од Кабинетот на претседателот на Собранието повторуваат дека официјално продолжение на седницата немало закажано, а за тоа дали ќе биде закажана утре ќе зависи од тоа дали ќе бидат доставен предлог потпишан од најмалку дваесет пратениците за избор на прв парламентарец.

Според договорот меѓу СДСМ и ДУИ, на оваа функција повторно ќе биде предложен досегашниот спикер Талат Џафери. Според информации од Собранието, пратеници веќе се потпишуваат на предлогот Џафери да биде уште еден мандат претседател на Собранието.

Седницата за избор на Џафери синоќа ја најави лидерот на ДУИ Али Ахмети, при објавувањето на министерските места на партиски состанок на највисокото раководство. Нема официјални информации зошто беше пролонгиран изборот на Џафери, а медиумите пишуваат за несогласувања во таборот на ДУИ кои потекнуваат од незадоволството од распределбата на ресорите.

Информациите од Собранието беа дека во текот на денот имало разговори за продoлжување на конститутивната седница, но за какви  разговори станува збор никој официјално не посочува.

Со изборот на Џафери треба да биде и официјализирано мнозинството во Парламентот по склучениот договор за владина коалиција меѓу СДСМ и ДУИ, а во која влегуваат партиите од коалицијата „Можеме“ и ДПА на Мендух Тачи. Според бројот, владејачкото мнозинството би имало 62 пратеници.

Претседателот на Собранието се избира со најмалку 61 глас од вкупниот број пратеници.

По изборот, претседателот на Собранието во наредните денови ќе треба да закаже и седница за избор на новата Влада што ќе ја предводи лидерот на СДСМ Зоран Заев. Рокот за поднесување предлог за избор на нова Влада е 2 септември.

Back to top button
Close