Седницата за измените на законите за ДДВ и за акцизи утре во 15 часот

Како што соопшти Владата, измените и дополнувањата треба да бидат донесени во итна собраниска постапка за да се обезбеди намалување на највисоките малопродажни цени на бензините и другите нафтени деривати

Опозицијата најавува амандамни на предложените измени

 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери за утре во 15 часот ја закажа 67. седница на чиј дневен ред се измените и дополнувањата на Законот за данокот на додадена вредност и на Законот за акцизи.

Измените и дополнувањата денеска беа доставени од Владата до Собранието.

Како што соопшти Владата, измените и дополнувањата треба да бидат донесени во итна собраниска постапка за да се обезбеди намалување на највисоките малопродажни цени на бензините и другите нафтени деривати.

-Овие закони се однесуваат на повеќе мерки како што е мерката за намалување на повластената стапка на ДДВ за основните производи за човечка исхрана од 5 отсто на 0 отсто. Основните производи на кои ќе се однесува оваа мерка се леб, шеќер, брашно – тип 400, сончогледово масло за јадење, трајно млеко, свежо месо, ориз и јајца. Мерките за намалување на стапката на ДДВ од 18 отсто на 10 отсто при промет на енергенси и за ослободување од плаќање ДДВ при увоз на енергенси се исто така опфатени, како и мерката за намалување на акцизата согласно берзанските цени. Со овие закони ќе се ублажи ценовниот шок предизвикан од високите берзански цени на нафтата и горивата.

Владата и премиерот Димитар Ковачевски упатија апел до пратениците веднаш да ги усвојат законските измени и дополнувања, за да се обезбеди брза имплементација на вчера донесените мерки за заштита на животен стандард и ликвидност на компаниите.

Опозицијата најавува амандмани на предложените владини мерки за намалување на акцизата за горивото и ДДВ-то за прехранбените производи. Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова, вели ќе бараат намалување на акцизата за гориво за 50 отсто.

Со амандмани ќе интервенира и Алијанса за Албанците, доколку Владата не прифати акцизата за бензинот да се намали од 22 на 15 денари, а за дизелот од 15 на 9, а во исто време да се намали и ДДВ-то на нивото од 18 февруари.

„Доколку не го прифатат овој предлог, кој е целосно во интерес на граѓаните, тогаш задолжително во собраниска процедура ќе интервенираме со амандмани за измените кои претходно ги споменавме, како за ДДВ-то и за акцизите на нафтените деривати“,вели Аднан Незири.

Од СДСМ сметаат дека опозицијата не треба да реагира со дополнителни предлози.

 

 

 

 

Back to top button
Close