Секоја чест, градоначалниче
Славниот естраден, или за што веќе да е водител, Миро Карацов, или можеби е Кацаров, какво олеснување, конечно е именуван е за директор на Универзална сала. Овој меѓународно познат и признаен културен великан е препознат од еднакво светски славниот политички маг, Орце Ѓорѓиевски, со само привремена функција градоначалник на Скопје. Велам привремена, затоа што Ѓорѓиевски, еднакво како и Жак Ширак, е принуден сега да ја клати фотелјата градоначалник, додека не се ослободи местото претседател на држава, или можеби генерален секретар на ОН, сѐ е во игра, се разбира.
Но, граѓаните во главниот град знаат да бидат исклучително неблагодарни и безобразни снобови, кои го гледаат со потценување Ѓорѓиевски, потсмевајќи му се и префрлајќи му дека не припаѓа во градот, најмалку има право да помислува на Универзална. Кутриот Ѓорѓиевски, со благородни и високо естетски намери, заради овие скопски скоројевичи, мораше да го повлече раскошниот талент за култура Кацарски, или Кацаров беше, како привремено решение, додека не започне да го моли Нобеловиот борд за култура да ги почести со негово членство.
Ѓорѓиевски објаснува дека Каваров или Кацаров е именуван, затоа што, за уште покутрите луѓе, вработените во Универзална, морало некој да потпишува плати, но ако баш инсистирате, ќе стане вршител на должност, чисто да подели плати. Сега ниту Ѓорѓиевски, ниту Кацаровски или Каварацов му беше презимето, фала богу, далеку е од памет, немаат никаква врска со овие плати на некакви си вработени во Универзална. Секако дека не се должни да објаснуваат кои се тие луѓе добога што земаат плати, за што мајката земаат плати, колку време побогу земаат плати, кој до сега им потпишувал бога ти плати и слични тривијалности, некакви банални ситници.
Како вистински политички функционери, под чест им е да помислат, не па да зборуваат за вакви најневажни детали од животот на еден обичен човек во оваа држава, кој се согласил да го гмечат даноците како мизерен црв, присилен да рʼмба за администрација на која ниту име и се знае, ниту работа, најмалку логика во законите и злоупотребите на јавните пари.
И не, не е виновен Кацаров, ниту Ѓорѓиевски, од каде би знаеле овие двајца невини луѓе дека уште поневини луѓе земаат плата од највиновните во овој случај-граѓаните, како данични обврзници. Сите овие невини жртви се тука за секој случај, освен луѓето кои ги плаќаат, тие се тука токму за тоа родени, со таква цел и мисија. Да им служат и да работат за оние за кои точно и за тоа го дале својот скромен глас, за да им станат покорни поданици.
Најдобро е да се молчи, затоа што само така се преживува. Како што само еден преживар го знае овој ноторен факт.







