Секој четврти македонски граѓанин не верува дека ќе се случи членство во ЕУ
Четвртина од граѓаните на Македонија (25 отсто) сметаат дека земјата никогаш нема да стане членка на Европската Унија, покажуваат резултатите од најновото истражување „Балкански барометар 2025“ на Советот за регионална соработка (РЦЦ).

Според истражувањето, 21 отсто од испитаниците во земјава очекуваат влез во ЕУ до 2035 година, 11 отсто до 2040, а 15 отсто се пооптимистични и веруваат дека тоа ќе се случи до 2030 година. Дека членството ќе се случи по 2040 година веруваат 11 отсто, додека 13 отсто не знаат или не одговориле.
ADVERTISING
И покрај скептицизмот за датумот на влез, поддршката за членство останува висока поради економските очекувања. Дури 62 отсто од македонските граѓани сметаат дека членството во ЕУ ќе биде добро за економијата, 27 отсто сметаат дека нема да биде ниту добро ниту лошо, а само 9 отсто мислат дека ќе биде лошо.
На ниво на Западен Балкан, поддршката за членство во ЕУ е порасната на 64 отсто, во споредба со 54 отсто во 2024 година. Најголема поддршка има во Албанија (86 отсто) и Косово (78 отсто). Генерално во регионот, опаѓа бројот на оние што мислат дека проширувањето „никогаш нема да се случи“ (од 18 на 17 отсто), а расте оптимизмот дека тоа може да се случи до 2030 или 2035 година.
Загрижувачки се податоците за иселувањето на младите. Во целиот регион на Западен Балкан, дури 68 отсто од младите се подготвени да заминат во странство за работа или живот – 34 отсто трајно, а 34 отсто привремено. Само 29 отсто од младите претпочитаат да останат во своите земји. За споредба, кај општата популација, 59 отсто би останале дома.
Главните грижи на граѓаните во 2025 година остануваат цените и инфлацијата (66 отсто), општата економска ситуација (44 отсто) и корупцијата (35 отсто). Како главни пречки за регионалната соработка се посочуваат недовербата поради историски прашања (38 отсто) и националистичката политика (37 отсто).
„Балканскиот барометар“ е годишно истражување спроведено преку директни интервјуа со граѓани во период од 21 мај до 30 јуни 2025 година во сите шест економии од Западен Балкан.






