Секој десетти Македонец верува дека коронавирусот не постои

Секој десетти Македонец верува дека коронавирусот не постои, покажало истражувањето на јавното мислење кое го спровела Владата. Единаесет отсто од граѓаните сметаат дека коронавирусот не постои, додека 3 отсто немаат одговор на ова прашање. Вирусот е реалност за 86 проценти од анкетираните граѓани.

Во истражувањето 73 проценти од граѓаните изјавиле дека немаат прележано ковид-19, 51 отсто дале потврден одговор на прашањето дали ќе се вакцинираат, 18 проценти се уште не одлучиле, додека пак 28 отсто изјавиле дека не размислуваат да се вакцинираат. Во однос на полот, жените се позагрижени споредено со мажите.

„Поголемиот дел од граѓаните велат дека се загрижени дека ќе се разболат од ковид-19 додека пак приближно една третина од испитаниците се донекаде загрижени дека ќе се разболат“ се наведува во истражувањето.

Во однос на тоа кои вакцини се преферираат од граѓаните, најмногу се изјасниле за „Спутник“, (65 отсто), а потоа следуваат „Фајзер“ (61 отсто) и „Синофарм“ (50 отсто). Кај другите три вакцини интересот за вакцинација е помал, односно „Модерна“ би примиле 38 отсто „Џонсон и Џонсон“ 36 отсто, а „АстраЗенека“ 34 отсто од испитаниците. Повеќе од половина од граѓаните прво би чекале потврда за успешноста на вакцината од случаи кои ги познаваат наспроти 42 отсто кои веднаш би се вакцинирале.

Помалку од половина од анкетираните, 44 отсто, сметаат дека Министерството за здравство успешно се справува со пандемијата. Во однос на мерките кои биле донесени за справување со кризата, 37 отсто се изјасниле позитивно, 35 отсто од анкетираните не се задоволни, додека пак 27 отсто велат дека се само делумно задоволни. Според испитаниците, најефикасна мерка која била донесена е финанската помош за зачувување на работните места.

Анкетата, која за потребите на Владата ја спроведе „Индаго“ е направена телефонски врз репрезентативен примерок од 1.100 испитаници кон средината на март.

Back to top button
Close