Секој може да биде градоначалник ако очекува Владата да му ги решава проблемите, вели вицепремиерката Грковска

Вицепремиерката смета дека добар дел од градоначалниците не се свесни за ингеренциите и обврските што ги имаат

Вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска, во вечерашното гостување во емисијата „Топ тема“ на Телма ТВ, порача дека секој може да биде градоначалник ако очекува Владата да му ги решава проблемите.

„Градоначалниците треба да знаат кои сè нивните обврски и одговорности како градоначалници да не очекуваат дека за секој проблем од Владата ќе бараат финансии за да се реши некој проблем. Така секој од нас може да биде градоначалник“,истакна Грковска во „Топ тема“.

Според неа, добар дел од градоначалниците не се свесни за ингеренциите и обврските што ги имаат.

„Мислам дека секој од нас кога ќе му биде понудена одредена позиција треба прво да се запраша кои се обврските коишто ќе ги има на таа позиција, какви се одговорностите и дали секој од нас има капацитет да ги извршува тие одговорности и обврски и кога ќе се преиспита себе си тогаш да си го врати одговорот дали ќе се нафати да ја извршува таа функција или не“,рече Грковска.

Изминатиов период, ВМРО-ДПМНЕ повеќе пати реагираше дека иако е кризна година Владата не им дава пари на општините само затоа што се од оваа партија, но и бараа помош од централната власт. Поради намалени дотации реагираше и партискиот лидер Христијан Мицкоски.

„Погледнете ги трансферите и дотациите коишто оваа власт ги прави во изминативе четири години пред оваа 2022 година. Ќе видите дека секоја година започнувајќи од 2018, 2019 следствено 2020, 2021 имаме зголемување на дотациите, дури и во една година тие се 34 милиони евра поголеми од претходната година. Но тогаш нели мнозинството градоначалници беа од редовите на СДСМ, и тогаш тие ценеа дека треба дотациите да бидат поголеми. Но ако ја споредите бројката 2021 и 2022 и покрај тоа што Буџетот е зголемен, екстремно зголемен, арачот на народот и на бизнисот екстра зголемен, дотациите се намалени од 316 на 312 милиони евра“,рече Мицкоски на 14 февруари.

Премиерот Димитар Ковачевски, пак, порача дека Владата ќе им помогне на градоначалниците да се справат со трошоците во кризата ако и тие ги намалат непотребните трошоци и почнат да ги собираат даноците. Исто така, тој им порача дека и тие треба да се однесуваат одговорно и во неколку наврати ги прозиваше дека не предвиделе пари за справување со кризата во општинските буџети, а ветувањата што ги давале во кампања им биле нереални.

„Општините, како и Владата треба да бидат одговорни во намалувањето на тековните трошоци и во зголемувањето на трошоците кои се однесуваат на справувањето со енергетската криза. Ако донесат планови во кои е содржано справување со енергетска криза, притоа намалување на ставките кои не се неопходни, доколку го зголемат своето оперативно работење во однос на собирањето даноци, а имате податок дека се собираат само 47 отсто од даноците кои се изворни приходи на општините, тогаш нормално дека ќе седнеме и државата секако ќе помогне“,рече премиерот во една од последните изјави на оваа тема.

 

Back to top button
Close