Секој за себе!


Денко Малески

Денес прочитав дека еден мој колега од правниот факултет, именуван во управен одбор, има 1.56 милиони евра во акции во наши банки. Иако би требало да знам подобро, тој факт ме запрепасти и ме врати 32 години наназад во мислите. Во паузата на една од сесиите на Конференцијата за Југославија, чекориме бавно низ дворот на малиот замок во центарот на Брисел. Напред одат претставникот на ЕЗ Лорд Карингтон и претставнникот на ОН Сајрус Венс.Претседателот Глигоров и јас чекориме зад нив. Ние двајцата, разговараме за расплетот на крвавата драма во Југославија. За што ли зборуваат странските посредници од Велика Британија и од Америка? Ослушнав и се запрепастив. Не збореа за злосторствата и колежите од конференциската маса туку за состојбата на нивните бизниси. Венс го праша Карингтон како му оди претседавањето со познатата аукциска куќа „Кристис“, а Карингтон за зделките на адвокатската канцеларија на Венс и компанија.

Но, тие беа дел од капиталистичкиот систем во кој поранешните политичари заземаат истакнати позиции со стекнатиот углед, корисен и за компанијата која ги враборува. Да си на слободниот пазар како поединец, во капиталистичкиот систем значи да немаш ограничувања какви што постојат кај оние кои вршат јавни функции. Ете, така се обидов да си го објаснам фактот дека во паузата за дискусијата за етничките колежи, странските претставници лежерно си разговараа за своите бизниси. Тие чесно и одговорно си ја вршеа улогата на медијатори во спорот меѓу скараните југословенски народи трудејќи се за мирот повеќе од југословенските политичари. Згора на ова, ништо во нивното поведение не беше спротивно на капиталистичката пракса, законите, па и моралот во нивните општества.

Едноставно, се работи за еден регулиран систем на либералниот капитализам во кој секој се грижи за себе и внимава да не го прекрши законот. Велам регулиран зашто дури подоцна сфатив дека пазарната економија била детално нормиран систем, а не таков во кој секој прави што сака.
Растен во систем во кој државата се грижеше за поединецот од бесплатна детска грижа до погребални трошоци, од колевка па до гроб, како што се велеше, ми требаше време да ја апсолвирам лекцијата дека и ние во Македонија, како впрочем и во целата федерација, одиме во капитализам каде што владее начелото „секој за себе“.

Но, од кога почнува да важи начелото? Дали веднаш и во услови на анархија или дури откога законски ќе се утврдат правилата на играта? За жал, немаше време за второто. Немаше ни луѓе посветени на демократијата и на економската правда. Имаше само профитери каде и да се свртиш. Можеби е оправдување во тоа што капитализмот дојде како кога ќе попушти огромна брана и ќе удави многу луѓе. Само бескрупулозните преживеава и се збогатија. Да ги видиш само ококорените и насолзени очи на најдобрите од генерацијата кои се запишаа на техничките науки, соочени со пропаста на фабриките во кои работеле и соочени сопствената и пропаста на своите семејства, ми вели, во тие години, еден мој пријател од детство. Тоа им се случи, повеќе или помалку, на сите народи на Источна Европа. Ако е накаква утеха за нас, се се разграба и се се раскраде. Амбасадорот на Украина во ОН ми зборува за 25 годишни милијонери во неговата земја. Зошто? Се сруши стариот централизиран систем и настана анархија. Без економски систем кој би нормирал фер економски натпревар и со алчноста својствена за темната страна на човековата природа, сцената за пљачкосување беше поставена во Македонија. Таа одвратна кнедла треба да ја голтнеме и да одиме напред во создавање на демократска држава со отчетна власт и економија која се одвива по строги правила како оние на англиските судии на нивните фудбалски натпревари.
И, со вистината да се одбраниме од влијанието на „транзициските богаташи“. Зашто, можеби тие ќе имаат проблем да влезат во рајот, ама не и во политиката, науката, културата и секаде каде што ќе посакаат. И да не заборавиме: Мрежата на „старите момчиња“ исплетена одамна, уште лови сомови.

Back to top button
Close