Секое киднапирано дете од Украина мора да биде вратено, порача Фон дер Лајен
– Мораме да направиме се што е во наша моќ за да ги поддржиме децата на Украина. Затоа можам да објавам дека, заедно со Украина и другите партнери, ќе бидам домаќин на Самит на Меѓународната коалиција за враќање на украинските деца. Секое киднапирано дете мора да биде вратено, рече Фон дер Лајен.
Потенцирајќи дека народот на Украина се бори за својата слобода и независноста, таа истакна дека војната треба да заврши со праведен и траен мир, затоа што украинската слобода е и слобода на Европа.
– Ќе продолжиме да ги поддржуваме сите дипломатски напори за завршување на оваа војна. Но, сите видовме што Русија подразбира под „дипломатија“. Путин одбива да се сретне со претседателот Зеленски, рече Фон дер Лајен.
Таа потенцира дека руските напади со дронови и балистички ракети врз Украина се интензивираат, а денеска „видовме неодговорно и невидено кршење на воздушниот простор на Полска и Европа од страна на повеќе од 10 руски беспилотни летала“.
– Европа е во целосно солидарна со Полска. Пораката на Путин е јасна и нашиот одговор мора да биде јасен. Ни треба поголем притисок врз Русија да дојде на преговарачка маса. Ни требаат повеќе санкции. Сега работиме на 19-тиот пакет во координација со партнерите, додаде претседателката на ЕК.
Според неа, товарот од трошоците од руската агресија врз Украина не треба го носат само европските даночни обврзници и бидејќи ова е војна на Русија, таа и треба да плати за неа.
– Затоа треба итно да работиме на ново решение за финансирање на воените напори на Украина врз основа на замрзнатите руски средства. Со профитите поврзани со овие руски средства, можеме да и обезбедиме на Украина Заем за репарација. Украина ќе го врати заемот само откако Русија ќе ги плати репарациите. Парите ќе ѝ помогнат на Украина уште денес, но ќе бидат клучни и на среден и на долг рок за безбедноста на Украина, рече Фон дер Лајен.
Таа најави и нова програма за инвестиции во капацитетите на украинските вооружени сили, наречена Квалитативна воена предност.
– Мораме да ја искористиме нашата индустриска сила за да ја поддржиме Украина да се спротивстави. Затоа можам да објавам дека Европа ќе обезбеди однапред шест милијарди евра и ќе влезе во Алијанса за беспилотни летала со Украина. Украина има генијалност. Она што и е потребно сега е обем. Заедно, можеме да го обезбедиме тоа со цел Украина да ја задржи својата предност, а Европа да ја зајакне својата, додаде Фон дер Лајен.