Сексуалните работнички бараат еднаков третман и почитување на човековите права согласно македонскиот Устав

Во фокусот на кампањата е видео (линк) во кое три сексуални работнички ги споделуваат своите лични приказни, за стравовите што ги носат, за насилството со кое се соочуваат, и за потребите што ги имаат.
-Сексуалните работници, особено жените и трансродовите лица, се мета на различни форми на родово базирано насилство во јавен, приватен простор и/или онлајн. Насилството врз нас е често неказнето, невидливо и институционално игнорирано. Присутно е од страна на клиенти, партнери, полицијата, па дури и во здравствените и социјалните служби.
Заедницата на сексуални работници се соочува со повеќекратни форми на маргинализација, како сиромаштија, ниско ниво на образование, етничка дискриминација, дискриминација врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет кои ја зголемуваат ранливоста на заедницата.
Жените кои користат дроги, трансродовите лица, ЛГБТИ+ лицата, се особено изложени на дополнителна стигма и исклученост. Тие често немаат пристап до здравствена и психосоцијална поддршка, а стравот од осуда или апсење ги одвраќа од пријавување на насилството.
Дополнително, дигиталното родово базирано насилство станува сè почеста реалност. Онлајн споделувањето интимни содржини како дел од работата или личниот живот на сексуалните работници често завршува без нивна согласност на јавни платформи, проследено со уцени, закани и срам. Наместо да бидат препознаени како жртви, тие се изложени на стигма и молк. Токму затоа, Истанбулската конвенција, која го препознава родовото насилство и го промовира концептот на согласност, е клучен инструмент за заштита на правата на сексуалните работници и родова еднаквост, офлајн и онлајн.
Во ваквата реалност, црвениот чадор е повеќе од симбол – тој е нашиот знак на отпор, на достоинство и колективен повик за видливост и еднаквост. Црвениот чадор ја симболизира заштитата од злоупотребите од страна на блиските, партнерите, полицијата и клиентите, отпор кон осудата во конзервативните и стигматизирачки општества, и борба за еднакви човекови права.
Пораката е јасна – нема достоинство без безбедност, нема правда без признавање на сексуалната работа како и секоја друга професија.
Бараме хуман и еднаков третман од страна на државата базиран на принципот на почитување на човековите права, загарантирани со законите и Уставот на РСМ.
Бараме почитување на нашите човекови права, основни слободи и достоинство согласно меѓународните конвенции и декларации за чoвeкoвитe прaвa, ратификувани од страна на РСМ.
Бараме да се почитува правото на приватност на сексуалните работници како и за сите други граѓани, согласно Законот за заштита на личните податоци на РСМ.
Бараме декриминализација на сексуалната работа, како единствен модел кој обезбедува достоинствено почитување на човековите права и слободи на сексуалните работници во едно демократско и праведно општество, стои во соопштението на СТАР.






