Села доби одврзани раце од партиското претседателство да преговара со други партии и пратеници за ново парламентарно мнозинство

Во соопштението нема други детали, а од Алијанса за Албанците велат дека за што ќе стане збор на овие состаноци ќе објават во наредните денови

Централното претседателство на Алијанса за Албанците му дало одврзни раце на претседателот на партијата, Зијадин Села, заедно со потесното претседателство да ги продолжат преговорите со другите партии и пратеници на помалите партии коишто покажале спремност да бидат дел од новото парламентарно мнозинство, коешто мнозинство понатаму ќе го избере и новиот состав на Владата.

Ова се наведува во соопштението што попладнево го испратија од партијата, по состанокот на Централното петседателство во Тетово, на кое како што се вели, Села ги информира членовите на претседателството за деталите од последните состаноци кои се одржуваат во врска со формирањето на новото парламентарно мнозинство.

Во соопштението нема други детали, а од партијата велат дека за што ќе стане збор на овие состаноци ќе објават во наредните денови.

Состанокот на Централното претседателство на Алијанса за Албанците следи откако претходно денеска Села се сретна со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во Собранието.

За средбата информираа од Алијанса за Албанците, посочувајќи дека се воделе разговори за текот на изборниот процес и за понатамошните чекори и дека е потврдена меѓусебната поддршка за вториот изборен круг во општините во кои имало договор за соработка во првиот круг.

„Ве известуваме дека коалицијата меѓу Алијанса за Албанците и Алтернативата е стабилна и работиме заедно за да создадеме ново парламентарно мнозинство во многу краток период. И покрај манипулациите, притисоците, купувањето гласови и злоупотребите, граѓаните докажаа дека се против Владата, и сегашната власт веќе нема легитимитет да ја води земјата, ниту на локално ниту на централно ниво“, се наведува во соопштението на Алијанса.

Функционери на владејачките ДУИ и Беса вчера изразија подготвеност во владејачката коалиција да влезе Алтернатива на Африм Гаши, која партиципира со четворица пратеници во 12-члената парламентарна група со Алијансата за Албанците.

 

Back to top button
Close