Села со кандидати за Струга, Дебар и Арачиново на локалните избори

Претседателот на крилото на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, најави дека на локалните избори наесен неговата партија ќе трча со свои кандидати во три општини – Струга, Дебар и Арачиново.

Кандидат за Струга на Села е урологот Арсим Далипи, за Дебар ќе трча професорот Илиријан Фетаху, додека за Арачиново е номиниран Скендер Исуфи.

Одговарајќи на новинарско прашање околу важноста на претстојните избори, тој меѓу другото ги нарече „референдум“.

„Не можеме да не констатираме дека на претходните избори беше прекршено правото на изјаснување на Албанците. Овие избори се одржуваат во атмосфера кога Албанците со глас, освен што ќе изберат градоначалници, туку и ќе покажат дека нема да дозволат македонскиот политички фактор да одлучува кој ќе биде нивен претставник во влада или во локална власт“, рече Села.

Според него, давањето на гласот за коалицијата „Европски фронт“ ќе го намали влијанието од Србија и од други и затоа е важно да се одржи овој „референдум“ преку кој гласачите Албанци јасно ќе го искажат нивниот став.

Претходно, лидерот Арбен Таравари соопшти дека неговата партија Алијанса за Албанците наесен ќе трча со четворица кандидати за градоначалници, и тоа во Гостивар, Сарај, Теарце и во Врапчиште.

Очекува наесен заедно со „Европскиот фронт“ во албанскиот блок да освојат повеќе од два спрема еден гласови во споредба со ВЛЕН.

Вечерва и Централното претседателство на ВЛЕН потврди 14 кандидатури за градоначалници.

Back to top button
Close