Село гори, некој се чешла

Колку и да е груба изреката село гори баба се чешла во моментов најмногу одговара на состојбата со пожарите. Сѐ наликува на ланските случувања, па дури и неподготвеноста државата да се справува со огнената стихија. Како вчера да беше кога го слушавме министерот за внатрешни работи Тошковски кој велеше дека Центарот за управување со кризи (ЦУК) и останатите институции во системот мора суштински да се реформираат.

„Факт е дека треба да се реорганизираме суштински во насока на соодветна реакција за ваква кризна состојба. Се размислува во насока да се создаде едно тело во иднина кое што ќе ги има и капацитетите материјални и човечки капацитети да одговори соодветно на вакви кризни состојби. Тоа би било едно од можните системски решенија“, рече Тошковски. Оваа изјава ја даде лани во јули по еден од состаноците на Управувачкиот комитет за справување со кризи.

И Стојанче Ангелов тогаш на истиот состанок рече дека на системот за управување со кризи му е потребна длабока реформа. Рече и дека доколку се спојат ЦУК и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), би се добило една функционална институција, но и специјална единица за заштита и спасување со 120 луѓе, за која рече дека би била мултифункционална, односно летно време да гасне пожари и спасува луѓе заглавени во вода или планина, како и да вади луѓе од урнатини во случај на земјотрес.

Имаше ветувања во тој правец и од премиерот Христијан Мицкоски кој во август 2024 рече дека е неопходна реформа во системот за менаџирање со кризи. „Прв чекор што направивме е донесовме одлука ДЗС и ЦУК да отпочнат процес на фузионирање, оптимизирање прво на кадарот, а второ да имаме една институција која во услови на кризен менаџмент ќе знае како да делува по определени протоколи“, изјави Мицкоски тогаш.

Тој тогаш вети дека реформите ќе бидат направени откако ќе се изборат со огнената стихија.

 

Шминка наместо систем

Но оттогаш не видовме ни реформи нити било што во правец на зајакнување на овој суштествен сегмент во безбедноста на граѓаните и на државата. Освен ако се смета за реформа преминот на Стојанче Ангелов од директорската функција во Центарот за управување со кризи на директорската функција во Дирекцијата за заштита и спасување. Старите хермелини и пинцгауери, кои што беа во магацините на Министерството за одбрана и МВР и им инсталираа резервоари за вода за да гаснат пожари се само шминка на еден гнил систем која говори за нашиот очај од отсуството на функционални институции. Друга реформа на системот не се случи.

Денеска кога пожарите се повторно актуелни слушаме бесмислени тврдења од владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека СДСМ ги подметнува пожарите. Демек СДСМ се обидува да дефокусира од својата внатрешна криза со подметнување на пожари, гласат епохалните откритија на ВМРО-ДПМНЕ. Па уште и преку соопштение прашуваат „дали ова е последниот обид на картелот кој ја држеше државата во заробеништво да создаде хаос за да се претстави како ‘пожарникар’ на проблеми што сам ги создава“. Во соопштението картелот е СДСМ а чесната партија која ги гаси пожарите е ВМРО-ДПМНЕ.

 

Навистина, село гори а некој се чешла.

Владата прогласи и 30-дневна кризна состојба. Според објаснувањето на портпаролката кризната состојба би значела интегриран пристап и координирано дејствување на сите надлежни институции, Армијата, полицијата, противпожарната, Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), како и локалните самоуправи. Но зарем тоа не се нивни задачи и без да се прогласи кризна состојба. Или кризната состојба е колку нешто да се прави за да не види јавноста дека властите по катастрофалните пожари минатата година не мрднаа со прст за да го подготват системот подобро за да се избегнат слични случувања и годинава.

 

Сѐ е исто како лани

Вестите што ги слушавме изминатите денови по десетте пожари што ја зафатија земјава се идентични како и лани. Нема доволно пожарникари, нема опрема за постоечките пожарникари, нема возила за гаснење пожари. Допрва ќе се примаат 400 пожарникари, авионите за гаснење се на сервисирање. Само пред две недели (23 јуни) извршната директорка на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) Душица Перишиќ рече дека во државава не постои тренинг центар за обука за новите и старите пожарникари, кои би биле соодветно обучени за да почнат да работат.

Перишиќ откри и фрапантен податок дека противпожарната заштита не е ажурирана уште од 2005 година. „Во 2005 година, кога почна процесот на децентрализација и противпожарните единици, кои до тогаш беа во МВР, поминаа на општините и пренесени се сите согласно закон. Дополнително, пред пред пет години се додадени уште четири општини и во моментов имаме 34 единици за противпожарна заштита што се наоѓаат во 34 општини, но ги покриват сите 80 општини, вклучително и Град Скопје, како 81 посебна единица на локална самоуправа“, рече таа.

Тоа се запрепастувачки сознанија особено кога доаѓаат од официјални личности од власта. Извршната директорка на ЗЕЛС алармираше и дека постои разноликост во противпожарните единици кои имаат возила од 40-та, 50-та година, нешто што останало од стариот систем, кои ги поправаат и се трудат да ги одржат во функција.

Секоја општина, рече таа, се обидува да се снајде на свој начин, да им обезбеди нови чизми, пожарникарски одела и сѐ што ќе им треба за нивните акции. „Имаме многу лошо опремени пожарникари“, вели Перишиќ.

Кога сето тоа ќе се стави во контекст на постојаното зголемување на функционерските плати, егзотичните патувања во Јапонија, Шпанија, Португалија, изнајмување авиони за Унгарија и политичките екскурзии во САД и Австралија на шефот на дипломатијата кои некогаш траат со недели, заклучокот е дека политиката нема чувство за реалните потреби на државата. Еко-системот е на прво место во секоја држава, но кај нас е очигледно на последно место. Дождот можеби ќе заврне и привремено ќе ги изгаси пожарите, но нема да го измие срамот.(dw)

Соња Крамарска

 

Back to top button
Close