СЕМЕЈНА ДРАМА
Ја следам чат-пат собраниската седница за реконструкцијата на Владата, ама не можам да ги испофаќам конците чие дете ќе стане обвинител, чија жена е судијка, чиј татко е адвокат… Искрено, не сум толку преокупиран со мислите дали новата реконструирана влада ќе ни обезбеди европски прогрес, колку што се трудам да си замислам како ли изгледаат семејните прослави на политичарите. Замислете: синот обвинител, ќерката судијка, таткото пратеник, мајката адвокатка, дедото министер, бабата член на Судски совет, братучедот член на Антикорупциска…
Политичариве толку имаат напикано свои блиски по судовите и по обвинителствата, што утре можат да си избираат кој роднина да им спреми обвинение, а кој роднина да ги суди. Ни АКМИС системот не треба да се мести. Секако ќе ти се падне некој роднина за судија. И замислете како ќе изгледа кога сите оние деца, родители, баби, дедовци и братучеди од семејните прослави ќе се најдат заедно во судница. Судењата ќе бидат вистински семејни драми, во буквална смисла.
И досега не се знаеше што фајде имаме од реконструкција на Владата. Толку долго се вергла, што веќе не се знае зошто се прави. Особено по двонеделната расправа во Собранието, ептен не ми е јасно што им требаше на Димитар Ковачевски и на Али Ахмети оваа екскурзија со Алијанса за Албанците.
Не дека имам нешто против Алијанса, или против министрите на Арбен Таравари. Та Алијанса биле, та Алтернатива, та ДУИ, та СДСМ, та ВМРО-ДПМНЕ – исто ти се фаќа. Кој си нема попаметна работа нека ги гледа преносите од Собранието, како пратениците си ги вадат сите гнасотии до 2 саат по полноќ. Ти крадеш! А ти кога крадеше? Ти вработуваш роднини! А ти кога вработуваше роднини? Дури ни за сеир не вреди да се гледаат. Зборуваме за Собрание што не се ни собира за да сработи нешто. Зборуваме за пратеници чиешто мерило за успех не е колку закони донеле, туку колку илјади евра наплатиле на име на патни трошоци.
Па не сме оперирани од мозок. Барем толку паметиме што правеа овие од опозицијата што сега ја обвинуваат власта. Само што се уморивме и нè фаќа летаргија, оти СДСМ нè доведе до дереџе ВМРО-ДПМНЕ да ги обвинува за истото она што тие го правеа и поради што паднаа од власт. Па сега дури ни за кафеански прераскажувања „виде како му го плесна в лице“ не вреди да се губи време.
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК МК






