Семејства на починатите заложници гневни откако Хамас ги врати посмртните останки само на четворица од вкупно 28

Дел од семејствата на починатите израелски заложници го изразија својот гнев до властите во земјата, откако милитантната група Хамас ги врати посмртните останки на само четворица од вкупно 28 лица, додека останките на останатите 24 се верува дека сè уште се наоѓаат во Газа, објави Би-би-си.

 

. EPA/HAITHAM IMAD

Ова, како што наведува сервисот, создава несигурност околу натамошните чекори од мировниот план за Газа, бидејќи според договорот за прекин на огнот, Хамас имаше рок до вчера попладне (по локално време) да ги врати сите заложници во Израел – живи или починати.

Израелската војска потврди дека ги примила посмртните останки на четворица заложници и дека ќе спроведе форензички тестови за да го потврди нивниот идентитет.

Хамас соопшти дека станува збор за телата на Гај Илуз, Јоси Шараби, Бипин Јоши и Даниел Перец.

Што се однесува до останатите 24 починати заложници, од милитантната група изјавиле дека немаат прецизни информации каде тие се погребани и оти им е потребно време да ги лоцираат местата.

Договорот за прекин на огнот, што е објавен од израелските медиуми, според Би-би-си сугерира дека Хамас и другите палестински фактори и фракции можеби нема да можат да ги лоцираат местата каде се наоѓаат останките на останатите 24 починати израелски заложници во дадениот временски рок.

Инаку и американската телевизија Си-ен-ен во прилогот за враќањето на израелските заложници како дел од договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас ги наведуваат имињата на ослободените живи заложници, додека во однос на починатите, вели дека се вратени телата на четворица, додека останките на другите 24 и понатаму се наоѓаат во Газа.

Вчера, Форумот за израелски заложници и исчезнати семејства ја повика израелската влада да го суспендира договорот за прекин на огнот, обвинувајќи го Хамас дека го крши договорот со тоа што не ги вратил сите заложници и оти мора да се соочи со сериозен одговор.

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави дека предавањето на останките на само четири лица би било „неуспех“ од страна на Хамас да ги исполни своите обврски.

Во меѓувреме, американскиот претседател, Доналд Трамп кој се смета за најзаслужен за постигнувањето на прекинот на огнот како дел од поширокиот Мировен план за ставање крај на војната во Газа, утрово, според средноевропско време, се врати во Вашингтон, по неговите посети на Израел и Египет и беше еден од потписниците на Мировниот план во египетското одморалиште Шарм Ел Шеик.

„Денес постигнав толку многу во Израел и Египет. Многу работа, но не би сакал да биде ништо поинаку. Беше искуство како ниедно друго“напиша Трамп на неговата социјална платформа Трут соушл (Truth Social).

Претходно, во изјава за новинарите во претседателскиот авион „Ер форс уан“ (Air Force One), рече дека станува збор за историски ден, рефлектирајќи околу постигнатиот договор и за она што е следно за Појасот Газа.

„Мислам дека е важен ден, бидејќи никој не мислеше дека ова е можно“,рече Трамп.

Во однос на решението за две држави, односно формирање палестинска држава Израел, Трамп рече дека во моментов не би сакал да го коментира тоа прашање.

„На многу луѓе им се допаѓа решението со една држава. На некои луѓе им се допаѓа решението со две држави. Ќе треба да видиме. Не би коментирал за тоа“,рече американскиот претседател.

За потсетување, Хамас вчера ослободи дваесет живи израелски заложници, кои со силни емоции и радост беа пречекани од своите семејства по нешто повеќе од две години заложништво во Газа. Од починатите, како што се наведува во текстот погоре, вратени се останките на само четворица од вкупно 28 заложници, што предизвика гнев кај дел од семејствата.

Во замена за ослободувањето на заложниците вчера, Израел ослободи речиси 2 000 палестински затвореници и притвореници. Тие беа поздравени од голем број Палестинци, кои мавтајќи со знамиња ги пречекуваа додека пристигаа со автобуси во Газа и во окупираниот Западен Брег.

Инаку, досега преземените чекори, кои вклучуваат прекин на огнот и ослободување заложници, затвореници и притворени лица, се само почетните чекори од планот со 20 точки на американскиот претседател Доналд Трамп, за кој тој верува дека дека може да доведе до траен мир меѓу Израел и Палестинците.

Според Би-би-си, до постигнувањето на таа цел, сè уште постојат бројни пречки, за кои допрва треба да биде најдено решение.

Според планот, доколку двете страни се согласат, војната ќе „заврши веднаш“, Газа ќе биде демилитаризирана и целата „воена, терористичка и офанзивна инфраструктура“ ќе биде уништена.

Планот предвидува по враќањето на заложниците, припадниците на Хамас кои ќе се обврзат на мирен соживот да го положат оружјето, а за возврат ќе бидат амнестирани.

„На членовите на Хамас кои сакаат да ја напуштат Газа ќе им биде овозможен безбеден премин до земјите приматели“,се додава во планот.

Тој предвидува и Газа првично да биде управувана од привремен преоден комитет на палестински технократи, а кој ќе биде надгледуван од „Одбор за мир“, воден од американскиот претседател, а во кој ќе биде вклучен и поранешниот британски премиер Тони Блер.

Управувањето со Појасот Газа на крајот би било предадено на Палестинската самоуправа – која го администрира окупираниот Западен Брег, откако таа „ќе ја заврши својата програма за реформи“.

Според планот, Хамас, кој ја управува територијата од 2007 година, нема да игра никаква улога во администрацијата на Газа во иднина, директно или индиректно.

Back to top button
Close