Семејство од Пробиштип во шок откако институциите побарале да го крстат мртвото бебе

Семејство од Пробиштип кое во јуни го загубило своето предвреме родено бебе, повторно било соочено со трагедијата, откако институциите почнале постапка за определување лично име на детето – иако тоа починало само неколку дена по раѓањето. Документацијата до која дојде „Скопје1“ покажува сериозен административен јаз меѓу здравствените, матичните и социјалните служби.

Бебето било родено живо на 26 јуни 2026 година на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, предвреме, со родилна тежина од само 450 грама. Од медицинската документација се гледа дека било згрижено на одделот за интензивна нега на новороденчиња, но неговата состојба се влошувала и починало на 29 јуни, три дена по раѓањето.

Сепак, речиси еден месец подоцна, Управата за водење на матичните книги испратила допис до Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Пробиштип со барање да се постапи за определување лично име на детето.

Во дописот се наведува дека, согласно измените на Законот за матична евиденција, доколку родителите не му определат лично име на детето во законски предвидениот рок, тоа по службена должност го определува надлежниот центар за социјална работа.

За таа цел, од Центарот било побарано да донесе решение за определување лично име. Потоа, според семејството, биле контактирани родителите и од нив било побарано да ја завршат постапката за именување на бебето. За нив тоа било нов шок.

Родителите за „Скопје1“ велат дека по смртта на детето никој не им објаснил дека треба дополнително да поднесат пријава, да определат име или да преземат друга административна постапка.

Според нивното сведоштво, сега им било посочено и дека може да има последици затоа што постапката не била завршена навреме. Во законот била пропишана казна, за која семејството вели дека нема проблем да ја плати, но доколку навистина имаат вина во овој административен лавиринт.

Случајот отвора сериозно прашање за комуникацијата меѓу институциите. Од една страна, здравствената документација јасно го евидентира датумот на раѓање, но и датумот на смртта на новороденчето. Од друга страна, подоцна е активирана процедура како за дете на кое родителите само не му определиле лично име во законскиот рок.

За семејството, административната постапка не е само бирократски проблем.

Back to top button
Close