Семејство од Швајцарија донираше апаратура за кислородна поддршка за потребите на делчевскиот здравствен дом

– Семејството Ангеловски од Делчево кои долги години живеат и работат во Швајцарија донираа концентратор на кислород кој ќе се користи за потребите на делчевскиот здравствен дом. Донацијата беше предадена на користење на Итната медицинска помош каде од денес ќе биде ставена на располагање за потребите на граѓаните на Делчево.

-Имајки ја во предвид ситуацијата со Ковид-19 сакавме со семејството да го донираме овој апарат кој е еден вид респиратор. Нашето потекло е од Делчево и гледајки ја ситуацијата на здравствен план преку овој гест сакавме да помогнеме на граѓаните, рече донаторот Филип Ангеловски.

Директорката на делчевскиот Здравствен дом, Марија Глигоровска појасни дека станува збор за апарат кој ќе биде од огромна полза на установата во случај на недостиг на кислород во болницата, а ќе се користи и во домашни услови или при транспорт на пациенти со цел олеснување на нивното дишење.

-Се работи за апарат концентратор на кислород, досега немаме таков апарат кој е со функција од воздухот да го концентрира кислородот и да го насочува кон пациентите. Доколку дојдеме во ситуација да се испразнат боците и да немаме кислород, со овој апарат секогаш ќе имаме довод на кислород. Благодарност до семсјтвото Ангеловски за донацијата, а ние ќе се погрижиме да набавиме уште два вакви апарати, еден за здравствената станица во М.Каменица и уште еден за нашиот здравствен дом, рече Глигоровска.

Директорката на делчевската здравствена установа воедно информираше дека во Делчево во тек е ревакцинацијата на граѓаните кои ја примиле првата доза вакцини и притоа информираше дека досега во Делчево се вакцинирани над 2000 граѓани.

-Околу 2000 луѓе вакциниравме досега, сега сме во фаза на ревакцинацијата. Оваа недела имаме доста голем број на граѓани за ревакцинација. До крај на неделата треба да ревакцинираме околу 700 наши сограѓани со вакцината Синофарм и после 10 дена почнуваме со ревакцинација со Астра Зенека каде предвидовме околу 520 наши сограѓани да примат ревакцина. Некаде сме на половината на ревакцинацијата и се надеваме дека успешно ќе ја завршиме, додаде Глигоровска.

Директорката дополни дека интересот за вакцинација во Делчево е голем и очекува во наредниот период нови дози вакцини со цел масовна вакцинација на заинтересираните граѓани.

Back to top button
Close