Семејството на момчето кое го изврши масакрот во училиште во Белград изрази сочувство до семејствата на жртвите
Семејството на момчето К.К., кое во ОУ „Владислав Рибникар“ во Белград уби десет лица, а повреди петмина, изрази сочувство до семејствата на загинатите преку соопштение што денеска го објави адвокатската канцеларија што ги застапува.
„На тој 3 мај завладеа вечна тишина во која секојдневно плачеме од неизлечива болка и тага за секое невино дете и за (чуварот) Драган (Влаховиќ) кој со толку љубов се грижеше за децата. Длабоко и искрено жалиме и упатуваме сочувство до секое семејство поради нивната загуба, која е и наша загуба. Вечно тажни“, се вели во соопштението на адвокатската канцеларија Боровиќ.
Изјавата е потпишана од семејството на момчето кое е осомничено за убиствата во основното училиште Владислав Рибникар.
Мајката била сослушана вчера во белградската полиција, а како што дознава „Телеграф“ разговарот траел со часови.
Таа била придружувана од нејзината адвокатка Ирина Боровиќ.
„Мајката беше сослушана како граѓанин. Таа зборуваше со часови. Не е обвинета за никакви кривични дела. Таа кажа се’ што и беше побарано, одговараше на сите прашања. Нејзината цел, како и сите други, е да го реши ова, да да се види што бил проблемот и да се најде најдоброто решение за целата оваа ситуација. Што се однесува до приказната дека К.К е дете на разведени родители, тоа не е вистина. Таткото и мајката живеат заедно цело време, тие не се разделени и, како што рече мајката, тоа било хармонично семејство кое соодветно се грижело за своето дете.Исто така изјавила дека никој не можел да претпостави дека К.К., ќе го стори делото за кое е осомничен“, кажал за „Телеграф“ извор од истрагата.
Првото основно јавно обвинителство во Белград утврдува дали мајката на момчето кое го изврши масовното пукање сторила кривично дело запуштање и малтретирање малолетно лице.
Обвинителството во понеделникот испрати барање до Полициската управа за град Белград за прибирање на потребните информации, со наредба да биде сослушана мајката, како и разговор со педагогот и психологот вработен во ОУ „Владислав Рибникар“.
Исто така, на Градскиот центар за социјална работа му е наложено да изврши дијагностичка проценка на функционирањето на семејството на малолетниот К.К и за ова да поднесе пријава до обвинителството.
Таткото е во притвор за тешко дело против општата безбедност. Тој беше сослушан во Вишото јавно обвинителство и го негираше делото.
Ученикот од седмо одделение К.К. осомничен е за масовното пукање на 3 мај кога влегол во училиштето во кое учело и пукал во свои врсници и вработени. Тој уби осум ученици и училишен чувар на лице место, а рани уште седуммина, додека едно девојче подоцна им подлегна на повредите