„Семеен бизнис“ во Богородица: Таткото ја одгледувал во шатор, синот ја пуштал во ВЦ шолја – откриена лабораторија за марихуана

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Гевгелија разоткри семејна мрежа за производство и продажба на дрога во селото Богородица. Татко и син се сомничат дека заеднички организирале „бизнис“ со марихуана – едниот ја произведувал во домашни услови, а другиот посредувал во продажбата.

Против двајцата е отворена истражна постапка за кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги“.

Импровизирана лабораторија во домот на таткото

Полициската акција била спроведена на 17 декември со судска наредба. При претресот во домот на таткото, полицијата пронашла вистинска мала фабрика за дрога:

  • Околу 150 грама марихуана во разни пакувања;
  • Семки од канабис;
  • Опрема за мерење и пакување (две дигитални ваги, метални и пластични грендери);
  • Три бонга за консумација;
  • Шатор со целосна опрема за одгледување: електрична инсталација, специјални светилки и мерачи на температура.

Драма при апсењето: Синот ја фрлил дрогата во ВЦ шолја

Додека таткото бил задолжен за производството, синот имал улога на посредник во купопродажбата. Тој ја земал дрогата од татко му и ја носел во куќата на неговиот дедо, каде што престојувал.

Кога полицијата стигнала и на оваа локација, настанала вистинска драма.

„Осомничениот ја заклучил влезната врата за да добие на време, ја фрлил наркотичната дрога во ВЦ шолјата и пуштил вода, а се обидел да се ослободи и од дигиталната вага на која имало остатоци од дрога“, стои во извештајот на Обвинителството.

Обвинителот бара куќен притвор

Поради страв дека таткото и синот би можеле да се дадат во бегство или да влијаат врз сведоците за да ја попречат постапката, јавниот обвинител доставил предлог до судијата на претходна постапка во Гевгелија.

Се бара определување на мерка куќен притвор за двајцата осомничени, како и привремено одземање на патните исправи.

Извор: 4news.mk

Back to top button
Close