Сенатот на САД повика на слободни и фер избори во Белорусија

Американскиот Сенат денеска изгласа резолуција која повикува на слободни, чесни и транспарентни избори во Белорусија, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Резолуцијата ги осудува политички мотивираните апсења и лишувања од слобода на опозициските кандидати, меѓу кои и Сергеј Тихановски, Виктор Бабарико и Николај Статкиевич, и повикува на нивно итно ослободување.

Документот го осудува произволното одбивање на Централната изборна комисија да регистрира повеќемина потецијални претенденти на претседателските избори закажани за в недела, 9 август.

Исто така, ги осудува и репресалиите и селективните апсења на мирни демонстранти, членови на опозициски партии, борци за човекови права и претставници на независните медиуми.

-Настапуваме солидарно со белорускиот народ, вклучувајќи ги активистите, блогерите и новинарите кои имаат право на слободен собир, слободно изразување и владеење на правото, се вели во резолуцијата.

Властите на Белорусија се повикуваат да спроведат слободни, чесни и инклузивни претседателски избори во согласност со меѓународните стандарди.

Back to top button
Close