Сенишната флота на Путин: Како контрираат Европа и НАТО

Руската флота во сенка е мрежа од главно постари танкери за нафта со прикриени сопственички структури. На тој начин Русија го заобиколува ограничувањето на цената на нафтата договорено во декември 2022 година од Г7 како реакција на руската инвазија врз Украина. Типични карактеристики на флотата се чести промени на знамињата и имињата, привремено исклучување на системот за идентификација (АИС) и одреден тип на осигурувања. Товарењето со нафта и нафтени производи по правило не се прави на пристаниште, туку од брод во брод во крајбрежни зони. Така бродовите го заобиколуваат механизмот воведен за ограничување на цените, чиј динамичен праг моментално изнесува 47,60 долари за барел во ЕУ и Велика Британија. Во ЕУ набавката на руска сирова нафта и нафтени производи е генерално забрането. Затоа, Индија и Кина се главните клиенти, но се снабдуваат и други земји.

До 1.600 руски танкери во оптек

Проценките се дека руската флота во сенка веќе брои околу 900 танкери. Бројките неодамна значително се зголемија, па сивата зона се проценува на 1.200 до 1.600 танкери. ЕУ веќе стотици бродови има на листата за санкционирање, но сè додека не дојдат во европско пристаниште, ништо нема да им се случи. Значителен дел од руските испораки во изминатите месеци се транспортирани на ваков начин. Голем дел постари танкери дури потекнуваат од ЕУ.

Пред сѐ бродови од Грција преку посредници се продаваат на трети земји. Експерти веќе долго време бараат да се сопре продажбата на стари танкери од ЕУ на посредници.

„Коалиција на волните“ на Макрон контра флотата

Француската морнарица неделава во близина на Сен Назер влезе на 244-метарскиот танкер „Пушпа“ (односно „Боракај“ и порано „Кивала“). Според дневниот весник „Ле Монд“ бродот за три години 13 пати го промени знамето. Кинескиот капетан и првиот офицер биле привремено приведени. Францускиот претседател Емануел Макрон наведе „сериозни пропусти“ и бараше „коалиција на волјата“ контра флотата во сенка. Флотата според него генерира десетици милијарди евра за воениот фонд на Русија и покрива околу 40 проценти од руските воени трошоци. Макрон бара заеднички, координиран пристап за блокирање или повеќенеделно задржување на сомнителни бродови од флотата, со што би поскапела руската нафта. „Доколку ги задржиме бродовите на неколку дена или недели, (…) ќе го уништиме бизнис моделот“, рече Макрон и додадде дека тоа е „важен чекор за зголемување на нашиот притисок врз Русија“ и за Кремљ да се принуди да седне на преговарачката маса.

Во случајот со „Пушпа“ француските власти своите постапки ги темелат на сомнежи во врска со знамето и регистрацијата на бродот. Таквите прекршоци се меѓу ретките случаи во кои според поморското право се можни интервенции на отворено море. Танкерот, кој плови под знамето на Бенин, наводно привремено се наоѓал и во близина на неразјаснетите појавувања на беспилотни летала над Данска, но директна врска сè уште не е докажана. Танкерот и екипажот во меѓувреме го продолжија своето патување.

 

Каква опасност произлегува од руската сенишна флота?

Танкерите се во просек значително постари од редовната трговска флота на светските океани и често не се соодветно осигурани. Има обвинувањата за ризични маневри, па сѐ до рути со деактивиран или манипулиран АИС, или наводна саботажа на подморски кабли. Во случајот со „Игл С“ во заливот на Финска, на екипажот му се префрлаше оштетување на каблите за електрична енергија и пренос на податоци на морското дно.

 

Танккер за нафта со име Игл С во морски води. Во заднина се гледа густа зимзелена шумаТанккер за нафта со име Игл С во морски води. Во заднина се гледа густа зимзелена шума

Осомничен за саботажа: танкерот за нафта „Игл С“Фотографија: Vesa Moilanen/Lehtikuva/AFP

Судот во Хелсинки сепак ги отфрли обвиненијата против капетанот и двајцата офицери во петокот (3 октомври) со образложение дека финските власти немаат надлежност во случајот и дека не може да се докаже никаква намера. Секоја небрежност мора да биде гонета од страна на државата под чиешто знаме плови бродот, или од матичните земји на обвинетите. Постапката покажува колку се високи правните пречки, како и товарот на докажување кога инцидентите се случуваат надвор од територијални води.

 

Високи правни пречки во поморското право

Поморското право на ОН дава приоритет на „безопасна пловидба“. Контроли во исклучиво економска зона се можни само во исклучителни случаи, како пиратство, евидентни еколошки прекршоци или доколку бродот плови под ничие знаме. Во данските теснеци кои ги користат многу танкери во сенка, дополнително се применува и Копенхагенската конвенција од 1857 година, со која се укинати данските патарини и се овозможи траен, слободен премин за странски трговски бродови низ теснецот Ересунд, Големиот појас и Малиот појас. Затоа, „сомнителна“ цик-цак пловидба преку кабелските рути не е доволна за да се изврши контрола од страна на соседни држави. Инцидентите во Финска, Естонија и Франција, сепак покажуваат дека сè повеќе држави од ЕУ ги користат опциите за контрола и задржување на танкери.

 

Може ли финансиски да се сузбие сенишната флота?

Економската борба против флотата се одвива на неколку нивоа. ЕУ се потпира на пакет санкции и ограничување на цените од страна на Г7. На списокот не се наоѓаат само бродови, туку и сопственици, осигурителни компании и даватели на услуги. Дополнителни забрани за пристаништата имаат за цел да го прекинат логистичкиот синџир. Но, додека има купувачи во Азија и пазарната цена е над ограничувањето, рутите за заобиколување за Русија се профитабилни. Според студиите, подобра координација на мерките за санкции би била корисна. Колку почесто ЕУ, САД и Велика Британија ги регистрираат истите бродови, дотолку повеќе ќе се намалува транспортот. Но, преклопувањата до сега се во ограничена мера. Примената на поостри мерки врз трети земји исто така може да биде од помош. Второстепени санкции против рафинерии, трговците и пристаништа имаат ефект на одвраќање. ЕУ во моментов политички се бори за тоа, а САД веќе долго време го бараат истото.

 

Русија со сенишна флота го заобиколува нафтеното ембарго

Брисел ги заострува санкциите. Со 18-тиот пакет од 18 јули 2025 година, опфатени се 444 бродови (+105 бродови) кои сега подлежат на забрани за пристаништа и услуги. Актуелно се работи на 19-тиот пакет санкции, кој треба да содржи дополнително заострување. Расте и воениот притисок. НАТО ја започна мисијата Балтичка стража во јануари годинава за да го зголеми присуството во Балтичко Море и подобро да ја штити критичната подводна инфраструктура. Соседни земји како Шведска ги засилуваат своите крајбрежни стражи, особено откако беа видени беспилотни летала и регистрирани инциденти со подводните кабли. Европската агенција за поморска безбедност собира податоци од сателитско извидување и обезбедува речиси во реално време информации за проток на нафта и тајни активности и на тој начин ги поддржува контролите од страна на земјите-членки. ЕУ и НАТО подобро се координираат во врска со одбраната на инфраструктурата. Од 2023 година има заедничка работна група и координативно тело на НАТО за критична подморска инфраструктура, кое ги поврзува индустријата и институциите. До сега сепак мерките не успеаја да ја спречат руската флота во сенка да дејствува профитабилно и опасно.(dw)

Back to top button
Close