СЕП ги дигитализира услугите кон граѓанскиот сектор

– Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров денеска учествуваше на презентацијата за воведување на електронски начин на регистрација на проекти во Секретаријатот за европски прашања.

Како што соопшти СЕП, услугата е изработена во рамки на проектот „Дигитализација во јавниот сектор во Северна Македонија за непречено функционирање”, финансиран од Владата на Обединетото Кралство, со поддршка на британската амбасада во Скопје, а е имплементиран од Центарот за управување со промени, во соработка со СЕП.

Димитров ги потенцираше придобивките од воведувањето на оваа електронска услуга како дел од процесот на дигитализација што е неминовна потреба за обезбедување на квалитетни услуги кон граѓаните.

-Регистрацијата на проектите финансирани со неповратни парични средства од странски донатори е особено важна бидејќи е единствената услуга на СЕП наменета пред сѐ за граѓанскиот сектор, но и други корисници. Со воведување на електронски начин за регистрација на проекти почнуваме една успешна дигитална приказна што ќе обезбеди побрз и поедноставен пристап во целокупниот процес, ќе обезбедиме поголема ефикасност во давањето на јавните услуги, успешно менаџирање на влијанието на човечкиот фактор и надминување на застојот, како и проблемите со институционалната меморија, рече Димитров.

​Димитров најави дека следната фаза во процесот на развивање дигитален пристап за регистрација на проекти во СЕП е поврзување на оваа електронска услуга со системот на Управата за јавни приходи, со што дополнително се намалува времетраењето на целата постапката за ослободување од плаќање на даноците. Дигитализацијата на процесот ќе придонесе и до поквалитетно следење на исполнувањето на стратешките приоритети на државата од аспект на нашата ЕУ агенда, како и подобро планирање и координација на странската помош.

Тој посочи дека во тек е и подготовка на интегрирана НПАА платформа за управување со процесот на преговори со која ќе се надградат постојните бази и  ќе се развијат нови функционалности и интероперабилни системи.

На настанот се обратија и амбасадорката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Рејчел Галовеј, извршната директорка на Центарот за управување со промени, Неда Малеска Сачмароска и професорот на ФИНКИ, Гоце Арменски, со чија поддршка и експертиза во соработка со СЕП беше развиена оваа електронска услуга што е веќе достапна за сите корисници.

Back to top button
Close