Серафимовски: Потврдени се 64 жаришта на сипаници кај овците, регистрирани околу 10.000 угинати грла
Во државата досега се потврдени 64 жаришта на сипаници кај овците, а надлежните институции секојдневно ја следат состојбата и преземаат мерки за спречување на ширењето на заразата, информираше денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Според последните официјални податоци, најголем дел од жариштата – вкупно 50 се регистрирани во Источниот регион, седум во Североисточниот, шест во Вардарскиот и едно во Скопскиот регион. На терен досега се евидентирани околу 10.000 угинати грла овци.
На прес-конференцијата во Министерството, министерот апелираше до сточарите доследно да ги почитуваат препораките, навремено да ги пријавуваат сомнителните случаи и да избегнуваат користење заедничка опрема без претходна дезинфекција, посочувајќи дека стрижењето со недезинфицирани ножици се покажало како еден од главните ризици.
Институциите веќе преземаат активности за обезбедување вакцини преку Европската комисија, Турција и Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО).
Обезбедувањето вакцини нема автоматски да значи започнување на вакцинацијата. Одлуката ќе се темели на стручна проценка на епидемиолошката состојба, ризикот и можните ветеринарно-здравствени и економски последици од вакцинацијата – истакна Серафимовски.
За погодените сточари е утврден модел за обештетување преку Агенцијата за храна и ветеринарство, а во тек се подготовките за обезбедување средства за исплата.
Свесни сме дека за многу семејства сточарството е основна дејност и извор на егзистенција, но мора да се почитуваат мерките. Шест месеци не е дозволено на истото одгледувалиште повторно да се внесе нов сточен фонд – нагласи министерот.
Надлежните ја следат состојбата и во соседните земји, а остварена е и работна средба со институциите во Србија за размена на искуства.
Имавме работна средба со надлежните институции во Србија за размена на информации и искуства, а внимателно ја следиме состојбата и во Грција. Засега најголем предизвик за нас остануваат сипаниците кај овците и правиме сè за да го амортизираме ударот и да спречиме натамошно ширење на болеста – изјави Серафимовски.





