Серафимовски: Сточари користеле ушни маркички од угинати крави за да земаат субвенции

Министерот за земјоделство, Борче Серафимовски, откри дека се утврдени сериозни злоупотреби при користењето на земјоделските субвенции, посочувајќи дека неправилности се забележани и кај производството на тутун и кај сточарството.

Во интервју за МИА, Серафимовски изјави дека педесетина апликанти, претежно од Прилепскиот регион и Кривогаштани, на површини од два до два и пол декара пријавиле производство од 10 и 11 тони тутун, што, според него, е невозможно.

 

„Еден декар тутун може да произведе од 400 до 600 килограми. На два декари максимумот е околу тон и 200 килограми. Не може да пријавите 10 тони тутун“, рече министерот.

 

— реклама —

 

Тој посочи дека злоупотреби се утврдени и кај сточарските субвенции, каде што, според него, се користеле ушни маркички од угинати животни за нивно повторно пријавување.

„Во една неофицијална акција што ја направивме, се покажа дека на хартија имаме речиси 400.000 овци, а реално се околу 250.000 до 280.000. Тоа е разлика од над 100.000 грла и станува збор за сериозни средства“, изјави Серафимовски.

Министерот најави дека заедно со Агенцијата за храна и ветеринарство се разгледува можноста секое грло добиток да добие електронски чип што ќе може да се чита со читач, а во иднина и да се следи со ГПС, со цел да се спречат злоупотребите.

Тој оцени дека ваквите појави можат да се надминат со засилени контроли и ги повика земјоделците да пријавуваат реално производство и да не ги злоупотребуваат мерките за финансиска поддршка.

Back to top button
Close