Серијата стории на 360° за софтверот на Рашковски ја доби првата наградата на ЕУ за истражувачко новинарство


Новинарското истражување предизвика реакција од надлежните институции што доведе до отворање на предмет во кој беа поднесени обвиненија против седум лица, меѓу кои првообвинет е Рашковски. Судењето сè уште трае, пишува во заклучокот за наградата
Серијата стории на новинарката Ирена Каревска објавени во емисијата 360° за набавката на софтвер за изрекување сообраќајни прекршоци од поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, ја доби првата награда на ЕУ за истражувачко новинарство.

Церемонијата на доделување на наградите се одржа вечерва во Тирана, Албанија, каде покрај за Северна Македонија, ЕУ ги додели наградите за истражувачко новинарство и во останатите земји од Западен Балкан и Турција.

Во образложението за доделите награди, за сторијата за случајот со Рашковски се наведува дека новинарското истражување предизвикало реакција кај надлежните и во моментов има и судски процес.

„Серијата стории открива можна злоупотреба на власта и јавните средства од страна на носител на висока функција во Владата. Тоашниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, купил софтвер за изрекување казни за сообраќајни прекршоци преку видеонадзор во вредност од 81 000 евра и покрај тоа што МВР ниту го барало ниту го користи софтверот. Понатаму, беше обелоденето дека патентот за системот на овој софтвер е регистриран лично на име на Рашковски. Новинарското истражување предизвика реакција од надлежните институции што доведе до отворање на предмет во кој беа поднесени обвиненија против седум лица, меѓу кои првообвинет е Рашковски. Судењето сè уште трае“, пишува во заклучокот за наградените стории.

Двете други наградени стории од Северна Македонија се на новинарката Мирослава Бурнс од „Слободен печат“ за откривањето на случајот со Јалдз Веапоска, родилката што загуби матка, јајник и бубрег во струшката болница каде отиде само за да се породи со царски рез. Оваа сторија ја освои втората наградата.

Третата награда ја освои емисијата КОД за сторија за тоа како сообраќајни несреќи со загинати завршуваат без затворски казни во многу случаи во Северна Македонија.

Наградата на ЕУ за истражувачко новинарство се доделува од 2015 година, а нејзиното доделување го воспостави Европската комисија (ЕК), и е со цел да се промовираат новинарските истражувања и достигнувања, како и да им се даде финансиска поддршка за нивната работа во услови а вложена медиумска економија на глобално ниво, особено во регионот.
Што откри 360° за случајот со Рашковски

Првата од серијата истражувачки стории 360° ја објави на 9 март лани под наслов „Рашковски купил софтвер за сообраќајни казни, а МВР не знае за набавката и не планира да ја користи“.
За случајот прво се заинтересира Антикорупциската комисија. Откако објавивме уште една сторија дека софтверот што го купил Рашковски е речиси идентичен со негов претходно регистриран патент и дека бил платен пред да биде тестиран, во приказната се вклучи Обвинителството.

На 18 март 2021, тоа отвори предистрага, а по неполн месец (12 април) кога објавивме дека Рашковски вози џип што не фигурира во неговиот имотен лист, тој се повлече од функцијата генерален секретар. Неколку дена по оставката, на 16 април Рашковски беше приведен, а предметот против него напредуваше во истрага. Истрагата се прошири и на набавка за друг софтвер кој се однесува на биометриска идентификација, како и на исплата на хонорари на лица ангажирани во Генералниот секретаријат во времето на Рашковски.

На 8 октомври 2021, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение, а на крајот од декември лани, Основниот кривичен суд Скопје го прифати. Во моментов, судскиот процес е во тек и се наоѓа во фаза кога се сослушуваат сведоци предложени од обвинителството.

Сторијата за Рашковски во април годинава ја доби и наградата за најдобра истражувачка сторија „Никола Младенов 2021“ од Македонскиот институт за медиуми (МИМ).

Back to top button
Close