Сериски крадец „здиплил“ лаптопи од канцеларијата на градоначалникот на Гази Баба

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторил неколку дела – Тешка кражба од член 236 од Кривичниот законик и една тешка кражба која останала во обид.

Од август 2024 до април годинава осомничениот 48-годишник во повеќе наврати вршел кражби во канцеларии на општина Гази Баба. Најпрво на почетокот на август 2024 насилно откорнал метална решетка на прозорец и од кацеларија на службеникот за внатрешна ревизија одзел лаптоп компјутер вреден 18 илјади денари. Потоа, неколку дена подоцна, насилно отворил друг прозорец и од канцеларијата на градоначалникот одзел уште три лаптопи во вкупна вредност од 74 илјади денари. Во април годинава, повторно насилно влегол во една од бараките, пребарувал и одзел лаптоп, бормашина и други предмети, вредни вкупно 41.100 денари.

На 19 април 2025 осомничениот насилно ја отворил влезната врата на Миколошката лабораторија на Природно-математичкиот факултет и одзел вкупно шест лаптоп компјутери и 500 денари, односно вкупната вредност на одземените предмети е 208.576 денари.

Два дена подоцна осомничениот насилно влегол и на Шумарскиот факултет, пребарувал во два кабинети и во читалната, но од непознати причини се откажал од намерата и без да земе ништо го напуштил местото на настанот.

Оценувајќи дека опасноста осомничениот да повторува вакви дела е неспорна, како и имајќи ги предвид околностите кои укажуваат на ризик од бегство, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.

Повеќе тука

Back to top button
Close