„Сестри“ ќе има светска премира на филмскиот фестивал во Карлови Вари

Филмот „Сестри” во режија на Дина Дума и во продукција на Лист Продукција – Скопје, ќе има светска премиера на престижниот фестивал во Карлови Вари, кој годинава ќе се одржи од 20 до 28 август. Филмот учествува во компетицијата „Источно од Западот“, која е дел од официјалната програма.

Оваа селекеција е наменета за автори на прв и втор долгометражен филм од Централна и Источна Европа, Балканот, земјите од поранешниот Советски Сојуз, Средниот Исток и Северна Африка.

„Сестри” е приказна за две тинејџерки чие пријателство е ставено на тест, кога тие се соочени со последиците од нивното декадентно однесување. Додека, пак, филмскиот фестивал во Карлови Вари е најголемиот фестивал во Република Чешка и најпрестижен во Централна и Источна Европа. Тој е еден од најстарите филмски фестивали од А категорија, заедно со фестивалите во Кан, Берлин, Венеција, Локарно, Сан Себастијан.

Главните улоги во „Сестри“ ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Миа Жиро. Продуцент на филмот е Марија Димитрова, сценариото го потпишуваат Дина Дума и Мартин Иванов, кинематографер е Наум Доксевски, монтажер Мартин Иванов, сценографијата е на Кирил Спасевски и Симо Бранов, костимите се на Роза Трајческа Ристовска, шминката на Жанета Димитриевска, музиката е на Игор Василев – Новоградска, а дизајнот на звук на Ристо Алчинов.

„Сестри” е поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија, и е регионална копродукција помеѓу Северна Македонија, Црна Гора и Косово.

Back to top button
Close