Северна Кореја ќе ги зајакнува своите воени нуклеарни капацитети

Северна Кореја планира да ги прошири и зајакне своите нуклеарни вооружени сили, да ја модернизира воената инфраструктура и да ја зголеми борбената готовност на армијата.

Мерките за модернизација на армиските капацитети биле донесени на проширена седница на Централната воена комисија на Работничката партија на Кореја, со која претседавал севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.

Како што објави севернокорејската државна агенција КЦНА, претседателот Ким пред учесниците на седницата изјавил дека безбедноста на Северна Кореја и мирот можат да бидат гарантирани само со изградба на моќна војска способна да одговори на сите закани.

Според КЦНА, на состанокот биле разгледувани прашања поврзани со обновување на техничката инфраструктура на борбените системи, квалитативно и квантитативно проширување и зајакнување на нуклеарните сили, како и спроведување на планови за стандардизација, специјализација и модернизација на воените бази.

Тема на состанокот било и проширувањето на улогата на севернокорејската воена разузнавачка служба, со цел да се подобрат капацитетите за извидување и прибирање разузнавачки информации.

Back to top button
Close