Северна Кореја вели дека Трамп мора да ја прифати новата нуклеарна реалност, Белата куќа потврдува дека нејзините цели не се променети
Соединетите Американски Држави мора да прифатат дека реалноста се променила од минатите самити меѓу двете земји и дека никаков иден дијалог нема да ја заврши нуклеарната програма, изјави Ким Јо-џонг, сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, за која се верува дека зборува во име на својот брат, објавија државните медиуми.
Ким Јо-џонг додаде дека личниот однос меѓу Ким и американскиот претседател Доналд Трамп „не е лош“.
Но, ако Вашингтон има намера да ги користи личните односи како начин за ставање крај на нуклеарната програма на Северна Кореја, неговите напори ќе бидат предмет само на „потсмев“, нагласи таа во соопштение.
-Ако САД не успеат да ја прифатат променетата реалност и продолжат да се држат до неуспешното минато, самитот Северна Кореја-САД ќе остане „надеж“ за американската страна“, рече таа.
Според неа, капацитетите на Северна Кореја како нуклеарна држава и геополитичката средина радикално се променија откако Ким и Трамп одржаа три состаноци за време на првиот мандат на американскиот претседател.
-Секој обид да се негира статусот на Северна Кореја како нуклеарна држава… ќе биде категорично отфрлен, рече таа.
Трамп изјави дека има „одличен однос“ со Ким. Белата куќа соопшти дека претседателот е отворен за идејата да комуницира со изолираниот севернокорејски лидер.
Запрашан за изјавата на Северна Кореја, функционер на Белата куќа рече дека Трамп сè уште е посветен на целта што ја постави за трите самити што ги одржа со Ким за време на неговиот прв мандат
-Претседателот е посветен на тие цели и останува отворен за дијалог со претседателот Ким за да се постигне целосна денуклеаризација на Северна Кореја, рече функционерот на Белата куќа.
На нивниот прв состанок во Сингапур во 2018 година, Трамп и Ким потпишаа договор во принцип за да го направат Корејскиот Полуостров зона без нуклеарно оружје. Следниот самит во Ханој следната година пропадна поради несогласување околу укинувањето на меѓународните санкции наметнати врз Пјонгјанг.