Северна Македонија ги почна преговорите, но нема да ги продолжи без уставни измени


Северна Македонија мината година по 17 години во чекалната на ЕУ формално го почна процесот на преговори со Унијата со отворање на првата меѓувладина конференција. Објаснувачкиот и билатералниот скрининг за усогласување на европското законодавство се во тек и овој процес се очекува да заврши во ноември оваа година. Меѓутоа за да продолжи европскиот пат на државава, неопходни се уставни измени со внесување на Бугарите во Уставот, за што власта и опозицијата имаат дијаметрално спротивни ставови. Сепак, и покрај сето ова, проекциите на власта се дека до 2030 година државава би требало да стане членка на ЕУ. Заклучокот е дека оваа 2023 година ќе биде клучна за продолжување на евроинтеграцискиот пат на државава.

Со прифаќање на т.н. „француски предлог” на 17 јули лани Северна Македонија по 17 години кандидатски статус за членство во ЕУ ја одржа првата меѓувладина конференција со Унијата, со што формално почна процесот на преговори со ЕУ.

Условот за продолжување на процесот на евроинтеграции и одржување на втората меѓувладина конференција, со што ќе се отвори и првиот преговарачки Кластер, а тоа се уставните измени, е содржан во Билатералниот протокол, што го потпишаа шефовите на дипломатиите на Скопје и Софија, Бујар Османи и Екатерина Захариева на 19 јули лани. Во предлог заклучоците на француското претседателство беше наведено дека Протоколот е неразделен дел од преговарачката рамка за Северна Македонија и дека ЕУ ќе го следи напредокот околу него.

За фактички да се отворат преговорите, најпрво треба да заврши процесот на скрининг на законодавството на земјава.

Во македонскиот Парламент засега нема обезбедено двотретинско мнозинство за промена на Уставот, додека некои партии го условуваат гласањето за уставни измени со предвремени избори. Премиерот Димитар Ковачевски повеќепати ги повика сите 120 пратеници да покажат одговорност за овие и за идните генерации и да го поддржат пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ, а партиските интереси да ги остават настрана, бидејќи, вели „граѓаните сакат да бидат дел од ЕУ, а иднината на граѓаните е подеднаква обврска на сите политички партии во Парламентот”.

Откако Владата го прифати „францускиот предлог” за почеток на преговори во јули минатата година, опозициската ВМРО-ДПМНЕ кажа дека нема да гласаат за отворање на Уставот и за вметнување на Бугарите во него. По изгласувањето на предлогот во Собранието, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски покажа и изјави заверени на нотар од сите членови на неговата пратеничка група, со кои тие се обврзуваат дека нема да дозволат уставни измени.

Опозицијата во септември побара одржување референдум за поништување на Договорот за добрососедство со Бугарија, што претседателот на Собранието Талат Џафери го отфрли како неуставно. Подоцна референдум побара и партијата Левица, што исто така беше отфрлен од Џафери.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски во октомври, десетина дена по објавувањето на Извештајот на ЕК за напредокот на земјава, рече дека нема да поддржат отворање и интервенции во Уставот се додека Европската Унија не даде гаранции дека земјата ќе влезе во Унијата и дека нема да бидеме предмет на дополнително вето од Бугарија.

-Кога некој од Европа и од Брисел ќе дојде и ќе даде јасна гаранција пред овој македонски народ и пред граѓаните на Македонија тогаш ќе можеме да седнеме и да разговараме. Дотогаш нема промена на Преамбулата и нема интервенции во Уставот, рече тогаш Мицкоски.

Некои партии од албанскиот блок, пак, уставните измени ги условуваат со бришење на нормата „20 проценти” од Уставот, односно албанскиот јазик да стане рамноправен со македонскиот.

За евроинтеграциите минатата година, за тоа што можеме да очекуваме оваа година на тој планМИА разговараше со политичкиот аналитичар Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија Социетас цивилис – Скопје.

Трошановски смета дека изминатата година можеби беше кулминација на фрустрациите што оваа земја ги проживеа низ процесот на евроинтеграциите изминативе 15 години, и како таква предизвика голема поларизација во општеството, односно значителен пад на кредибилитетот на ЕУ и перцепција кон истата, иако според анкетите сепак поддршката е виосока.

-Сепак ако се влезе подлабоко во резултатите може да се види дека луѓето се повеќе сметаат дека реформите не се клучни за напредување во процесот и исто така следствено помалку ќе притискаат кон политичките елити да испорачаат суштински реформи, оцени Трошановски за МИА.

Тој потсетува дека внесувањето на билатералните прашања со Бугарија во Преговарачката рамка е факт и нешто што понатаму потенцијално ќе го проблематизира процесот на пристапување кон ЕУ.

-Процесот и онака нема да биде лесен и ќе наиде на голем отпор во општеството, што е случај во сите земји-членки што претходно преговарале со Европската Унија – за време на преговорите се намалил рејтингот на ЕУ кај нив, бидејќи дел од тие реформи се болни, но во нашиот случај станува збор и за многу емотивни, чувствителни, идентитетски теми, коишто доколку од нашите евроатлантски партнери не се успее да бидат потиснати на маргините и на страна и не го условуваат процесот, тогаш има шанса овој процес посуштински да биде позитивен за земјата, во спротивно ќе биде само формално усогласување на преговарачките позиции и законодавствата, меѓутоа, луѓето нема да го чувствуваа како свој и општеството нема да го чувствува како свој што е едно од главните цели на пристапувањето кон ЕУ, вели Трошановски.

Од аспект на тоа што можеме да очекуваме од интеграциите во 2023, тојги наведува завршувањето на скринингот, извештај за објаснувачкиот скрининг и Извештај на ЕУ за тоа како стоиме по тоа поле.

-Меѓутоа, продолжувањето на преговорите и втората меѓувладина конференција е секако условена од внесување на Бугарите во Уставот и е фер и објективно да се каже дека ги започнавме преговорите, меѓутоа дека нема да ги продолжиме, доколку тоа не се случи, нагласи Трошановски.

Тој потсетува дека како држава и како општество имаме рок до ноември да го направиме тоа, во спротивно, нагласува Трошановски, постои шанса за одвојување на земјата од Албанија и повторно влегување во една спирала на чекање, на неизвесност.

-Тоа и е најмалку потребно на земјава во овој период на криза што го живееме веќе неколку години, криза од сите аспекти, од домашно владеење на правото и добро управување, па се до економската, здравствена и воена криза, истакна Трошановски за МИА.

Во однос на тоа дали можеме да очекуваме дополнителни блокади од Софија, вели дека веројатноста дека ќе има дополнителни блокади од Бугарија, низ преговарачкиот процес е голема и значителна.

-Гаранциите што опозицијата ги бара или дел од граѓаните дека тоа нема да се случи, никој не може да ги даде и останува во доменот на политичките маневри меката моќ на ЕУ и слично, да оневозможи да се девалвира преговарачкиот процес преку непотребни теми за идентитетот и историјата, нагласува Трошановски.

Според него, со оглед на политичкиот момент во Бугарија, односно политичката криза и големата фрагментација во политичката арена, може да очекуваме дека партиите уште долго време ќе прават политички поени на оваа тема и дека се можни и блокади и понатаму, најмногу за внатрешно политички поени, но и во согласност со долгата стратешката позиционираност на Бугарија против македонизмот и македонското прашање.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи на годишниот брифинг со новинарите на крајот на декември, во врска со можноста за нови блокади од страна на Бугарија и доколку дојде до промена на Уставот рече дека во документите што ги потпишале и во рамката нема основа за тоа, но додаде дека не само Софија, туку и другите членки можат да не блокираат, доколку сакаат, со оглед на тоа што одлуките во ЕУ се носат со консензус. Тој додаде дека токму затоа во моментов се гради овој однос со Бугарија, со цел во иднина да не постои ниту еден аргумент за нови блокади.

За уставните измени, пак, Османи изрази уверување дека следната година ќе бидат донесени, нагласувајќи оти нема ништо контроверзно во тоа Бугарите, Црногорците и Хрватите да се внесат во Уставот, а забелешките на одредени политички субјекти ги оцени како дневно-политички кореографии во обид да се добие плус некој политички поен. Османи потенцира дека од почетокот на јануари ќе се интензивираат разговорите за обезбедување двотретинско мнозинство, што е потребно за да се изгласа потребата за отворање на Уставот.

Back to top button
Close