Северна Македонија оваа година претседавач на ОБСЕ

Северна Македонија од денеска го презема претседавањето со ОБСЕ – најголемата регионална безбедносна организација во која членуваат 57 земји и 11 медитерански и азиски земји-партнери на Организацијата. Претседавањето се случува во време кога светот повторно се соочува со најголемиот предизвик – руската воена агресија во Украина, која претставува флагрантно кршење на Повелбата на ОН, основните премиси на меѓународното право, а пред сè, вредностите на хуманоста.

Токму конфликтот во Украина и намалување на далекусежните последиците од кризата ќе заземат централно место во агендата на претседавањето со ОБСЕ во 2023 година. Мотото на претседавањето ќе биде „За луѓето се работи”, со цел да покажеме дека во суштината на сите големи меѓународни организации и структури лежи потребата да им се олесни животот на обичните луѓе, вели шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Обврските за претседавањето за земјава формално започнаа со станувањето дел на тројката претседавачи на ОБСЕ заедно со Шведска, која улогата на претседавач ја вршеше во 2021 година и минатогодишниот претседавач Полска. Министерот Османи како еден од најважните приоритети и во 2022 година ја посочи токму нашата подготовка за претседавање со ОБСЕ и активната улога на земјата како дел од тројката.

 

-Претседавањето на ОБСЕ ќе ја одбележи идната година. Од 1 јануари ние сме претседавач на најголемата регионална безбедносна организација во светот. Единствена безбедносна организација во која се и САД и Русија и која веројатно ќе има нова улога во новата безбедносна архитектура ако се најде решение по однос на агресијата во Украина, оцени минатата година на годишната средба со новинарите шефот на дипломатијата Бујар Османи.

На 29-от состанок на Министерскиот совет на ОБСЕ, што на 1 и 2 декември 2022 година се одржува во Лоѓ, последен во организација на Полска, Османи се осврна на визијата на нашето претседавање во 2023 година.

-Велат, ОБСЕ е на крстопат. Верувам дека вистинската насока напред е да овозможиме ОБСЕ да може да функционира врз основа на својот полн капацитет и подготвеност да испорачува, во корист и поддршка на граѓаните во ОБСЕ регионот. Организацијата да продолжи да и служи на целта за нејзино воспоставување, нудејќи релевантни вредности и принципи како темел на европската кооперативна безбедност, и платформа за дијалог како алатка за превенција и разрешување на конфликти, посочи Османи.

Тој, во своите изјави изрази уверување дека МНР, со поддршка и на останатите релевантни институции, има капацитет да одговори на предизвикот и да биде на висина на задачата. Преземањето на претседавањето во веќе посочените тешки околности со конфликтот во Украина, со себе носи одговорност, како и низа предизвици од логистички, економски и надворешно – политички карактер, но е и можност за афирмација на државата.

– Претседавањето со ОБСЕ за нас ќе претставува и внатрешен трансформативен процес, од консумент стануваме креатор и контрибутор на политиките на светско ниво. Ваквата инверзија на улогите претставува нова можност за нашето внатрешно институционално и политичко созревање, но во исто време рака под рака со глобалната експонираност тоа претставува и можност за зајакнување на имиџот на државата преку афирмација на нашите вредности и визии, рече тогаш министерот за надворешни работи.

 

Во пресрет на преземањето на претседавачката улога шефот на дипломатијата, на 1 септември, во Виена пред Постојаниот совет на ОБСЕ ги претстави рамковните приоритети на нашето претседавање. Тој при тоа истакна дека руската агресија врз Украина и улогата на ОБСЕ во намалување на далекусежните последиците од кризата неминовно ќе зазема централно место во нашата агенда во 2023 година. Реализацијата на приоритетната рамка во најголема мера, рече, ќе зависи од развојот на ситуацијата во Украина, која директно се рефлектира на односите во ОБСЕ.

-За жал живееме во ера на турбуленции. Ситуацијата во регионот на ОБСЕ е критична. Рамковните приоритети се подготвени во корелација со актуелната политичка слика и треба да ги одразат општиот интерес на Организацијата во време на криза. На тој начин демонстрираме свесност за реалните предизвици, препознатливост и целисходност, истакна министерот Османи.

Тој нагласи дека прелиминарните приоритетни цели се на линија на принципите и заложбите на Организацијата и дека истите имаат повеќекратна цел: да ги рефлектираат нашите интереси, да одразат континуитет на редовните приоритети на ОБСЕ, но и истовремено да соодветствуваат и одговараат на денешната сложена геополитичка констелација на односите. Во таа смисла, тој ги издвои и енергетската безбедност, безбедноста на храна и вода, како теми што со својата  актуелност се наметнуваат и врз агендата на ОБСЕ.

 

Рамковните приоритети на Северна Македонија произлегуваат од концептот на севкупна безбедност на Организацијата. Тематски се поврзани со традиционалниот корпус прашања што се провлекуваат во агендата на ОБСЕ низ годините: замрзнатите конфликти, нивна превенција, менаџирање и трансформација. Понатаму, теми поврзани со економијата и животната средина, дигитализацијата, климатските промени, како и тие кои произлегуваат од хуманата димензија на ОБСЕ, со цел зајакната промоција на човековите права и слободи, доброто владеење, родовата еднаквост и младинските политики. Промоцијата на придобивките од нашиот модел на функционална мултиетничка демократија, исто така, ќе биде дел од приоритетната рамка на претседавањето.

За реализација на активностите кои произлегуваат од претседавањето со ОБСЕ, минатата година Буџетот на МНР изнесуваше околу 110 милиони денари или близу 1,8 милиони евра. Беше предвидено и да се упатат околу 15 дипломати во Мисијата во Виена, кои ќе работат во рамки на претседавачкото трио и водењето на групата на медитерански партнери, но и ќе се подготват за финално преземање на претседателството со ОБСЕ во 2023 година. За оваа година вкупниот буџет на МНР е зголемен и изнесува 29,3 милиони евра, наспроти 25,5 милиони евра минатата година.

Инаку, Северна Македонија како дел од тројката претседавачи, а согласно утврдениот формат, лани претседаваше со Медитеранската група партнери на ОБСЕ – Алжир, Египет, Израел, Јордан, Мароко и Тунис и притоа како копретседавач во првата година од нашето учество во тројката ја организираше Медитеранската конференција меѓу ОБСЕ и земјите медитерански партнери во Јордан.

Северна Македонија во 2023 година ќе го преземе и претседавањето со уште две платформи: Јадранската повелба – А5 и со Процесот за соработка во Југоисточна Европа – (ПСЈИЕ) од јуни.
ОБСЕ претставува најголема регионална безбедносна организација чија основна функција на делување се заснова на предупредување, превенција на конфликти, управување со кризи и пост – конфликтно закрепнување. Организацијата овозможува безбедност и соработка преку трите главни димензии или области на работа: политичко–воената димензија, хуманата димензија и димензијата за економски прашања и заштита на животната средина. Една од специфичностите на нејзиното работење е што 57-те земји учеснички носат одлуки со консензус.

На предлог на Министерството за надворешни работи, а со одлука на Владата, Република Северна Македонија кандидатурата за претседавање со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во 2023 година ја поднесе и беше едногласно прифатена на декемврискот состанок на Организацијата во Тирана во 2020 година.

Ова е прво претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ. Првата теренска мисија на ОБСЕ во Скопје беше воспоставена 1992 година со главна цел спречување на прелевањето конфликти од регионот. Земјата стана членка на организацијата на 12 октомври 1995 година. Со сите свои активности во текот на  веќе 28-годишното членство, државата прерасна од групата земји консументи на помош од оваа организација, во пренесувачи на позитивни искуства и генератори на стабилност.

Секретаријатот на ОБСЕ е во Виена, а организацијата во моментов има 12 теренски операции во Југоисточна Европа, Молдавија и Централна Азија, како и три независни институции: Високиот комесар за национални малцинства, Претставникот за слобода на медиумите и Канцеларијата за Демократски институции и човекови права – ОДИХР.

Back to top button
Close