Северна Македонија треба да добие нова влада до крајот на неделава

Северна Македонија треба да добие нова Влада до крајот неделава. Мандаторот Димитар Ковачевски денеска во Собранието ги достави предлозите за состав на новата влада и програмата за работа, а претседателот на Парламентот Талат Џафери најави дека седницата ќе закаже во сабота во 11 часот. Расправата за избор на новата влада трае најмногу два дена, а се гласа по нејзиното завршување, најдоцна до 24 часот вториот ден. Владата е избрана ако за неа гласа мнозинството од вкупниот број пратеници.

Согласно собранискиот Деловник, седница за избор на владата се одржува во рок од 15 дена од денот на приемот на предлогот за состав на владата и програмата. Мандаторот ја образложува програмата и предлогот за состав на владата на седницата на Собранието на која се врши нејзиниот избор.

По програмата на мандаторот и предлогот за состав на владата, Собранието води единствен претрес. Претресот трае најмногу два дена.

Во Деловникот е предвидено дека редоследот на пратениците кои ќе учествуваат во претресот  го утврдува претседателот на Собранието на начин кој обезбедува учество во претресот на пратеници од различни политички партии застапени во Собранието.

Гласањето за избор на Владата се врши по предлогот за состав на Владата во целина, со јавно гласање. Гласањето се врши по завршување на претресот, а најдоцна во 24 часот. Владата е избрана ако за неа гласало мнозинството од вкупниот број пратеници.

Back to top button
Close