Северна Македонија во Алијансата влезе под уставното име, вели функционер на НАТО за грчката АНА-МПА

Северна Македонија во НАТО влезе под уставното име и под тоа име се претставува, изјавил функционер од Северноатлантската алијанса за грчката новинска агенција АНА-МПА. Изјавата на функционерот доаѓа откако претседателката Гордана Силјановска-Давкова при инаугурацијата во македонското Собрание не го користеше уставното име на државата.

Функционерот, кој не е именуван, за АНА-МПА вели дека нашата земја е ценет НАТО сојузник и „дава важен придонес за нашата колективна безбедност“.

Како пример тој ги споменува војниците распоредени во мисијата КФОР на Косово, мисиите во Ирак, како и мултинационалните борбени групи на НАТО во Летонија, Бугарија и Романија.

„Договорот од Преспа го отвори патот за членство на Северна Македонија во НАТО и придонесе за добрососедските односи, кои е важно да се одржуваат меѓу сојузниците. Северна Македонија влезе во Алијансата под нејзиното уставно име и под тоа име се претставува во НАТО“,рекол функционерот.

Реакции за одлуката на новоизбраната претседателка на државата, Гордана Силјановска-Давкова да не го употреби уставното име при давањето заклетва во Собранието изминатите два дена стигнаа и од официјална Атина и од челниците на Европската Унија.

Амбасадорката на Грција во земјава, Софија Филипиду, веднаш по заклетвата ја напушти собраниската пленарна сала во знак на протест. Од грчката амбасада рекоа дека тоа го сторила по инструкции од Министерството за надворешни работи на Грција.

Грчката амбасадорка ја напушти инаугурацијата на Силјановска-Давкова во знак на протест

Оттаму подоцна оценија дека некористењето на уставното име од Силјановска-Давкова е грубо кршење на Договорот од Преспа и Уставот на земјава.

Шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис во интервју за грчката телевизија ЕРТ вели: „Сите сфаќаме дека новото раководство на Северна Македонија може идеолошки да има поразлично мислење, но постојат прашања што се над нивната волја.“

Со реакција се јави и грчкото МНР од каде оценија дека македонската претседателка грубо ги прекршила Договорот од Преспа и Уставот. Оттаму порачаа дека натамошниот напредок во билатералните односи и европскиот курс на Северна Македонија зависат од целосното спроведување на Договорот од Преспа и, пред сè, од употребата на уставното име на земјата.

 

 

Back to top button
Close