Северна Македонија застана на кормилото на ОБСЕ, Османи ги претстави приоритетите на претседавањето во Виена

Северна Македонија, нашите тимови во Скопје и во Виена ќе бидат целосно посветени на мисијата. Со искрена посветеност и чувство на одговорност почестени сме и горди што ќе бидеме на кормилото на ОБСЕ во 2023 и што ќе бидеме чувари на нашите вредности и обврски. Вредностите на ОБСЕ денеска се поважни од кога и да било. Наша прва мисија и цел е да повикаме на итен прекин на агресијата, запирање на страдањето на луѓето на терен, повлекување на сите трупи и повторно обврзување на принципите и вредносните на оваа организација, порача вчера во Виена шефот на дипломатијата Бујар Османи во улога на претседавач на ОБСЕ на заедничката прес-конференција со генералната секретарка на организацијата Хелга Марија Шмид.

-Најголемиот предизвик во имплементацијата на нашата агенда ќе биде во контекст на тешките околности, но единството околу принципите и заложбите на ОБСЕ се изворот на надеж и охрабрување. Руската воена агресија врз Украина, која ги урива самите основи и заложби на Организацијата, го зајакнува ова единство. Денес, се чини дека нашите вредности се поважни од кога било. Актуелните предизвици не се причина за дефетизам, туку поттик за засилување на нашите напори и ангажман, истакна Османи.

Тој рече дека додека Украина ќе остане топ приоритет, мора да ги поставиме високо на агендата и другите конфликти во регионот на ОБСЕ, бидејќи, како што посочи, тие исто така се извор на тензии и човечко страдање.

-ОБСЕ останува важен повеќе од кога и да било. Сведоци сме на неговите потенцијали во минатото. Треба да создадеме услови на терен за целосно да го зголемиме потенцијалот на организацијата. Се докажа дека ОБСЕ може да ја големи довербата и да обезбеди предвидливост. Ова денес е од витално значење. Мора да дејствуваме овде и сега за доброто на луѓето. Луѓето се први кои се на удар на геополитичките превирања. Оние кои се изложени директно во воениот конфликт страдаат најмногу, тие најмногу ја чувствуваат несигурноста и небезбедноста, рече Османи.

Тој нагласи дека на обичните луѓе им е доста од политиката на моќ и оти тие се чувствуваат уморни од секојдневната неизвесност и размислуваат што ќе донесе утрешнината.

-Тие треба да се ослободат од стравот од војна и да им се врати мирот. Нашиот фокус овде во Хофбург мора да биде на луѓето. Тие треба да бидат во центарот на нашето внимание и размислувања. Сакам јасно да порачам, ние работиме за нив. Затоа, мотото и движечката сила на претседателството гласи „За луѓето се работи“. Постои, би рекол, органска врска помеѓу ова кредо и целокупната мисија на ОБСЕ. ОБСЕ е формирана поради оваа причина, неговата главна цел е да го спречи човечкото страдање, рече Османи.

Тој подвлече дека зборовите треба да се пренесат во акција, да се покаже политичка волја и да бидеме одговорни за сопствените акции.

-Луѓето во регионот на ОБСЕ очекуваат и заслужуваат одговорна акција. ОБСЕ нуди платформа за дијалог. Дијалогот е нешто што е многу блиску до нашето разбирање за градење мостови и решавање разлики. Дијалогот треба да биде значаен и базиран врз интегритет. За тоа да се случи ние повторно треба да се обврземе на нашите вредности, порача Османи.

 

Османи оцени дека принципите и обврските на ОБСЕ не можат да бидат предмет на преговори.

-Наша работа како претседавачи на ОБСЕ е да ја водиме организација во овие тешки времиња, но тоа е и одговорност која ја споделуваат сите 57 земји членки во насока на исполнување на нашите приоритети и програма што им служи на луѓето и на сите земји-членки. Не треба да измислуваме нови решенија, принципите и обврските на организацијата не можат да бидат предмет на преговори. Нема и не може да преговраме за овие принципи кои се темелот на оваа организација и причина за нејзиното постоење. Она што можеме е да работиме со сите наши членки во насока да се обнови дијалогот и да се реафирмира посветеноста на тие принципи, појасни Османи на новинарско прашање на прес-конференцијата по презентацијата на приоритетите.

Османи претходно пред Постојаниот совет на ОБСЕ во Виена ја презентираше програмата на нашето претседавање со организацијата за 2023 година.

-Воената агресија против Украина продолжува да го покажува својот грд лик. Мирот е разрушен. Луѓето продолжуваат да умираат и да страдаат. Нашата меѓусебна доверба е длабоко поткопана. Сепак, уверен сум дека нашите надежи за подобра иднина за нашата Организација, земјите кои ги претставуваме и луѓето на кои им служиме остануваат високи. Се работи за нив, се работи за луѓето. Ова е нашето мото и силата која нѐ води за годината што претстои, рече Османи, презентирајќи ги приоритетите на претседавањето.

Упатувајќи честитки за полското претседавање претходната година, нагласи дека ОБСЕ треба да даде резултати во тешки времиња, и има обврска и капацитет да ги заштити интересите на луѓето. Но, прашањето кое се поставува, вели, е „дали имаме силна и недвосмислена политичка волја за надминување на предизвиците заради мирот, стабилноста и благосостојбата?“.

-Одговорот на ова прашање треба заеднички да дојде од сите 57 држави учеснички и не може сама нималку да го даде ниту една држава учесничка во текот на својот мандат на кормилото на оваа организација. Нашиот план во 2023 година е повторно да го заживееме овој дух. И покрај сите тешкотии, нашата Организација го докажа својот потенцијал. Мора да му дадеме дополнителна поддршка на ОБСЕ за да одговори на својата задача. Тоа подразбира брзо усвојување на единствениот буџет на организацијата. Начелата и заложбите не треба да останат само флоскули, нагласи Османи.

Во пресрет на 50-годишнината од усвојувањето на Хелсиншкиот документ, посочи Османи, историјата ќе нѐ памети по делата, а не по нашите ветувања, размислувања и изјави, и затоа вели, мора да ги преточиме зборовите во дела за да ја обезбедиме функционалноста на ОБСЕ.

Програмата на претседавањето претстојнава година, рече Османи ќе се фокусира на: обезбедување поддршка за една функционална и флексибилна ОБСЕ, нудејќи разновиден комплет алатки кои би помогнале за обновување на мирот и безбедноста, спречување на конфликти и промовирање на соработка низ регионот на ОБСЕ, потоа на промовирање на човековата безбедност преку обезбедување поддршка за одржлив економски раст и еколошка соработка и овозможување почитување на основните човекови права и промоцијата на толеранцијата и недискриминацијата како предуслови за сеопфатна безбедност.

Северна Македонија, рече Османи, ќе ја засили работата на ОБСЕ на терен, ќе вложи напори да ја подобри координацијата и заедничкото носителство на активностите како предуслов за позитивни промени.

Тој го претстави планот на нашето претседавање за воведување на позиција Специјален претставник на Претседавачот за граѓанско општество, како доказ за посветеноста да одговориме на потребите на луѓето. Воедно, информира за намерата да ја покани Финска да се приклучи на форматот Тројка на ОБСЕ сè додека не се изнајде решение за идната држава претседавач со ОБСЕ во 2024 година.

Руската агресија на Украина бесрамно ја нарушува европската безбедносна архитектура и основите и вредностите на кои се базира ОБСЕ и претставува закана за мирот на целиот европски континент и пошироко, рече Османи.

– Наша прва мисија и цел е да повикаме на итен прекин на агресијата, запирање на страдањето на луѓето на терен, повлекување на сите трупи и повторно обврзување на принципите и вредносните на оваа Организација, изјави Османи на заедничката прес-конференција со Марија Шмид.

Запрашан за тоа дали е можен договор за мир во Украина додека на власт во Москва е Владимир Путин, Османи изјави дека кој ќе ја води Русија е прашање за кое треба да решаваат руските граѓани и дека Северна Македонија како претседавач со ОБСЕ стриктно ќе се придржува на принципите на организацијата, ќе ја продолжи комуникацијата со сите земји членки и нема да ги прекршува принципите што треба да ги штити.

– Моја порака до Русија, како една од земји членки на оваа организација, е дека мора веднаш да ја запре агресијата и да се врати на почитување на принципите на кои се обврза кога се формираше ОБСЕ и да го спречи страдањето на луѓето на терен, истакна Османи.

Кога станува збор за тензиите во Југоисточна Европа, Османи истакна дека Северна Македонија која потекнува од тој регион ќе се потруди да ги пренесе своите искуства за развој на мултиетничката демократија и со тоа да придонесе за зајакнување на регионалната безбедност и мир.

– Внимателно ги следиме случувањата на северот на Косово, ги повикуваме двете страни да продолжат со комуникацијата и дијалогот и го охрабруваме посредувањето на ЕУ во дијалогот меѓу Србија и Косово, истакна Османи, додавајќи дека ОБСЕ ќе ги понуди услугите и капацитетите на својата мисија во Косово за поддршка на тој дијалог.

Османи нагласи дека подеднакво внимателно треба да се следат сите потенцијални конфликти во Европа, кои можат да ескалираат поради различни политички агенди, вклучително и на Западниот Балканот.

 

– На Западниот Балкан има отворени прашања кои имаат потенцијал за ескалација и затоа е важно да работиме на мотивирање на регионот да го продолжи патот кон европските интеграции, што се покажа дека е најсилната движечка сила за придвижување на регионот напред и е воедно најголемата кохезивна алатка за спречување на конфликтите наративи. Секако тука има место и за ОБСЕ, истакна Османи, потсетувајќи дека првата мисија на ОБСЕ беше токму во земјава и дека таа е пример за успешна приказна, што може да служи за пример и во други држави.

Шмид, од своја страна, нагласи дека клучна задача на ОБСЕ е поддршката на Украина и на луѓето кои страдаат како последица на руската агресија, што ќе е целта на новата програма за поддршка, но исто така и да им се помогне на соседните земји врз кои влијае украинскиот конфликт. Таа потсети дека ОБСЕ всушност е формирана во време на Студената војна со цел да се превенираат можни конфликти и да се намалат тензиите во Европа.

Шмид оцени оти нема дилеми дека се прекршени некои од основните принципи на Хелсиншката декларација со нападот врз Украина.

 

 

 

Back to top button
Close