(Северно)македонски возачки дозволи

„Дали вашата возачка дозвола, за која велите дека е македонска, е, всушност, северномакедонска, значи издадена во Северна Македонија, или е македонска затоа што нејзиното потекло би можело да се поврзе со регионот Македонија што се наоѓа во Грција?“ Вакво прашање, со цел на допрецизирање на изнесените факти при изведување докази, постави неодамна обвинителот во шведски општински суд, обраќајќи му се на обвинетиот македонски граѓанин, кој при полициска контрола, меѓу другото, покажал возачка дозвола со измината важност.

Прашањето, се разбира, во овој мошне конкретен контекст е индикативно. Од една страна, несомнено може да биде сфатено и протолкувано како смислена провокација и непотребно политизирање на судска расправа за полесно кривично дело, но во исто време веројатно има и своја оправданост од аспект на утврдување на правни факти за идентификациски документи во судска постапка. Но, сепак, еден искусен шведски обвинител ваквите дилеми на сосема едноставен начин може и самиот да ги расчисти, без инисистирање на вака поставени прашања, кои неизбежно во себе содржат и извесна доза на провокација.

 

Во шведските судови веќе сосема нормално и без никаква драматика редовно се користи името Северна Македонија и придавката северномакедонски во разни контексти. За среќа судската пракса е воедначена, така што насекаде во земјата судовите нарачуваат судски преведувачи на македонски јазик. Но тоа не може да се рече и за обвинителите и адвокатите, меѓу кои не се ретки оние што не чувствуваат потреба да се продлабочат во специфичните одредби во Преспанскиот договор, и затоа, според принципот на консквентна аналогија, немарно и лежерно зборуваат за „северномакедонски јазик“, или, пак, нарачуваат услуги од преведувачи од северномакедонски.

 

Некои од нив, доколку покажат трпение и подготвеност да слушнат за што всушност станува збор, и зошто е погрешно да се рече северномакедонски јазик, се согласуваат со потребата да се корегираат и да се потрудат правилно да го именуваат македонскиот јазик. Тоа за нив не е некакво посебно престижно прашање. Но сепак изразувањето според автоматизам и аналогија, при изведувањето на придавките од името Северна Македонија, продолжува.

Посебно интересно е проблематизирањето на идентитеските одредници од аспект на „прекршување“ на фактите врз регионалната посебност на името Македонија, сместено во границите на грчката држава. Слеаната форма на името Северна Македонија, што се употребува во скандинавските земји, на пример Nordmakedonien во Шведска, како што можеше и да се очекува, отвори простор и за подиректно поврзување на терминот Македонија, како географска регионална одредница, со Грција.

Еден од примерите за тоа е и шведскиот државен монопол за продажба на алкохолни пијалоци, „Систем болагет“, еден од најголемите малопродажни синџири во земјата, во чии рамки во изминатите години постепено се зацврсти дистинкцијата, навидум само формална, меѓу имињата Македонија и Северна Македонија, и нивната поврзаност со географското потекло на вината.

Претходно, – пред Преспанскиот договор – со впишување на Македонија, (Makedonien) во пребарувачот на веб-страницата на „Систем болагет“, се покажуваа десетина сорти вино како производи од Грција, означени со грчко знаменце. На пример, „Бутари Сирах, Грција, Македонија“. Значи, зад земјата на потеклото, на крајот, е “прикачен“ регионот Македонија, односно ознаката на географско потекло.

Но со такво пребарување се појавуваа  и неколку вински сорти кај кои до македонското знаменце како земја на потеклото беше наведена Република Македонија (Republiken Makedonien),  со додавка дека се од регионот на Повардарието. На пример: „Вранец, Република Македонија, Повардарие“. Тоа беше, би се рекло, инвентивното решение на оваа шведска државна компанија со цел во нејзиниот асортиман да се означат земјите на потеклото за вината од Грција и Македонија. Всушност, што се однесува до пребарувачот на веб-страницата на „Систем болагет“, тој не ги препознава разликите меѓу хомонимите, односно истоимените региони, туку резултатите од пребарувањето ги сортира според името кое е впишано во спецификацијата на производите.

Токму затоа, во овој момент, – во духот на актуеланта примена на Преспанскиот договор, – со впишување на „Makedonien“ пребарувачот исфрла на показ 26 вина кои исклучиво (!) се сортирани под името на земјата на потеклото Грција, со додавка на регионот Македонија. На пример, „Naoussa Boutari, Grekland, Makedonien“. Значи, без оглед на промените што произлегуваат од Преспанскиот договор, регионот Македонија во овој контекст и понтаму, на истиот начин како и порано, останува, според спецификацијата на „Систем болагет“, поврзан со Грција.

А за да најдете вина во богатиот шведски државен асортиман од „поранешна“ Република Македонија, сега мора да впишете „Nordmakedonien“, и тогаш во пребарувачот добивате 18 резултати. Во исто време станува јасно и тоа дека за најавените заложби од страна на грчкиот премиер Мицотакис, за заштита и зајакнување на производите од Грција што го носат називот „македонски производи“ и на брендот „Македонија“, успешно се создаваат претпоставки за делумно успешен исход.

Овие факти, на кои укажувавме и порано, продолжуваат да наоѓаат „терен“ за практична секојдневна примена во пошироки меѓународни рамки. Во секој случај, името Северна Македонија и неговата употреба на меѓународен план, според примерите во овој напис, ја одразува перцепцијата на промените што на разни начини се „кристализираат“ во геополитичката реалност во регионалниот контекст на Балканот, како и во поширок европски контекст. Без оглед на толкувањето на лингвистичките аспекти околу преводот, се чини дека тоа не ќе може пресудно да влијае на натамошното меѓународно етаблирање и користење на новото македонско државно име и придавките изведени од него.

 

Ивица Челиковиќ

Back to top button
Close