Севернокорејскиот лидер им оддаде почит на војниците кои се бореа во Курск

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун ги пофали офицерите и војниците за „херојското однесување“ и „масовниот хероизам“ на церемонијата на која ја пречека инженерската единица на армијата по служењето во Русија, објавија денеска севернокорејските медиуми.

Зборувајќи на церемонијат, Ким ги пофали офицерите и војниците од 528-от инженерски полк на Корејската народна армија (КПА) за извршување на наредбите издадени од владејачката Работничка партија на Кореја за време на 120-дневното распоредување во странство. Полкот покажа „апсолутна лојалност“ кон партијата и земјата, рече Ким, исто така пофалувајќи ја политичката индоктринација, дисциплината и единството меѓу војниците како модел за вооружените сили.

Според медиумите, единицата била испратена на почетокот на август за да извршува борбени и инженерски задачи во рускиот регион Курск во војната на Москва со Украина.

Минатиот месец, руското Министерство за одбрана соопшти дека севернокорејските војници кои ѝ помогнаа на Русија да го одбие големиот украински упад во западниот регион Курск сега играат важна улога во расчистувањето на областа од мини.

Според јужнокорејски, украински и западни извори, Северна Кореја испратила околу 14.000 војници да се борат заедно со Русија во Курск минатата година според договорот за меѓусебна одбрана меѓу двете земји, а повеќе од 6.000 биле убиени.

Ким рече дека девет војници биле убиени за време на мисијата и најави дека полкот ќе биде награден со Орден за слобода и независност.

На деветте војници кои загинаа им беше доделена титулата Херој на Демократската Народна Република Кореја, заедно со други државни одликувања.

Церемонијата се одржа вчера во Пјонгјанг со високи воени претставници, лидери на владејачката партија, семејства на војници и голем број луѓе.

Back to top button
Close