Шаќири: Немаме рецензенти за новите учебници, не се пријавуваат поради јавните дискусии за содржинските грешки во дел од учебниците

Проблемот со немањето рецензенти, според министерот, може да се реши со законски измени и Бирото за развој на образованието да повика експерти кои ќе ги разгледуваат учебниците

Веќе има конкурси за пишување учебници за следната година, како и повик за рецензенти кои ќе оценуваат дали учебникот се совпаѓа со наставната програма, вели министерот за образование и наука Јетон Шаќири во „Студио 10“ на ТВ 24.

Токму во делот на рецензентите, Шаќири вели дека МОН има најмногу проблеми зашто или не се јавуваат или се откажуваат.

„За мене нема ништо спорно во учебниците по историја. По онаа јавна дискусија за содржинските грешки во дел од учебниците, интересот на рецензентите е никаков“вели Шаќири.

Тој додава дека авторските тимови сега се составени од еминентни професори, но нема рецензенти кои треба да ги поминат.

Според него, проблемот со немањето рецензенти може да се реши со законски измени и БРО да повика експерти кои ќе ги разгледуваат учебниците.

„Грешки во учебници имало отсекогаш и ќе ги има. Но, професорите и наставниците реагираат и им кажуваат на учениците во кој дел од учебникот треба да се направи измена“ вели Шаќири.

Според Шаќири, оваа учебна година е поразлична од другите, зашто најголемиот дел од учебниците биле доставени уште во септември.

„Имаме доставено над 1,6 милиони учебници, вклучително и оние за средно стручно образование, а сите се според новата програма. Сега недостасуваат книги само по одредени предмети, а причините за тоа не се во Министерството за образование и наука. Недостасува учебник по историја и општество, но за нив од Биро за развој на образованието се подготвени материјали за учење“вели министерот.

Според него, доставувањето барања за учебници на училиштата е во март.

„Поради одредени проблеми, како што се лоши проценки за бројот на ученици или движење на учениците, се случува барањата да ги доставуваат коригирани подоцна“вели Шаќири.

Back to top button
Close