Шаќири – Сандри: МОН е подготвено да помогне во образованието на бегалците кои транзитираат низ земјава
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири, денеска оствари средба со Моника Сандри, претставник на УНХЦР во Северна Македонија, на која се беше истакната досегашната успешна соработка и реализацијата на проекти, кои се од значење и за македонските граѓани, но и за бегалците кои транзитираат низ земјава.
Министерот Шаќири ја запозна Сандри за досегашната имплементација на реформите во основното и средното стручно образование, напоменувајќи дека Северна Македонија ги следи светските трендови во полето на образованието.
„Северна Македонија како земја која претендира да биде дел од големото семејство на европски народи, секогаш е подготвена да им помогне на бегалците од кризните региони во Светот, нудејќи го своето гостопримство и заштита, како и да помогне во процесот на образование, доколку тоа биде побарано од неа. Образованието нема граници, секое дете треба да посетува настава, дури и доколку условите за тоа се минимални“, рече министерот.
Сандри изрази благодарност до министерот Шаќири за неговото лично инсистирање образовниот систем да го вклучи секое едно дете и го поздрави усвојувањето на новиот Закон за основно образование и Концепцијата за инклузивно образование кои вклучуваат одредби за деца бегалци, баратели на азил и деца без државјанство.
Таа додаде дека УНХЦР е подготвен да му помогне и да го поддржи Министерството за образование и наука со крајната цел сите деца бегалци, баратели на азил и деца без државјанство да добијат формално квалитетно државно образование според меѓународните стандарди и државното законодавство.