Шаќири: Се надевам дека СОНК ќе го прифат заклучокот на Владата

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири очекува дека на состанок на членството и раководството на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) денеска ќе биде прифатен вчерашниот заклучок на Владата – со ребалансот на Буџетот да се обезбедат пари за зголемување на платите на вработените во образованието и градинките за 10 проценти и дека штрајкот ќе биде прекинат, а социјалниот дијалог ќе продолжи за другите барања на Синдикатот.

Шаќири смета дека ако причината за одбивањето на 10-те отсто покачување е во тоа што биле усно ветување, сега понудата е во пишана форма во првиот  заклучок од вчерашната седница на Владата.

– Се надевам и треба да има одлука во корист на децата. И покрај нивното несогласување со ситуацијата, очекувам да има настава, а ние да продолжиме со преговорите иако не се согласуваме со одредена точка. Ако СОНК повторно одлучи (за штрајк), ние како министерство ќе ги разгледаме сите законски можности за начинот на реализација на настава. За реалната ситуација ќе се соберат податоци во текот на утрешниот ден, после вторник ќе видиме. Но, пак кажувам – се надевам дека ќе имаме позитивна одлука за наставата на децата во основните и средните училишта. За другите работи ќе може да преговараме понатаму, рече Шаќири по промоцијата на Концепт за развивање регионални центри за стручно образование и обука.

Апелираше до наставниците да го продолжат образовниот процес, потсетувајќи на влијанието што врз наставата го имаше КОВИД-19 и затоа што претстојат рокови, како уписите и полагањето матура. Побара и разбирање зашто, рече, се наоѓаме во една од најголемите кризи кои влијаат на државниот буџет.

Додаде дека некои од наставниците што штрајкувале, доброволно се вратиле на настава во интерес на учениците иако, рече, можеби не се задоволни од понудата на Владата.

Министерот нагласи дека покрај првото барање/заклучок – да се обезбедат средства веднаш по ребалансот на буџетот, има и втор и трет заклучок и социјалниот дијалог и соработка со СОНК ќе продолжи за други процеси и барања за образовниот систем во основно и средно образование, како што е изработка на методологија или Општ колективен договор кој секогаш ќе биде поврзан со растот на минималната плата.

Владата вчера на седница ги задолжи министерствата за образование и наука и за труд и социјална политика да обезбедат исплата на платите согласно законските одредби во услови на штрајк.

Во врска со овој заклучок, одговарајќи на новинарско прашање, Шаќири рече дека кога има штрајк, неговите организатори треба да ги известат сите што се вклучени за правните аспекти.

-Во делот на платите, ќе треба да има правен основ за да се исплатат. Неколку пати сум кажал – ако СОНК има правно решение за тоа, законодавните институции ќе ги разгледаат можностите за таквата ситуација. Тој гнев на членството ќе треба да се обрати до раководството, да се разгледа правниот основ на тоа што тие го бараат, а ние како институции секогаш ќе го почитуваме законот, рече министерот за образование и наука.

Back to top button
Close