Шаќири со писмо ќе побара од СОНК да дозволат да се вратат учениците на настава
„Барањето на СОНК е легитимно, и покачување на платите ќе има. Социјалниот дијалог со СОНК ќе продолжи. Но, приоритет за мене како министер се учениците и нивното враќање во училишните клупи“, изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој денеска се обрати на синдикалците од СОНК со молба и апел да овозможат да се вратат ученциите на настава.
Најдобар интерес е учениците да се вратат во училниците, истакна министерот Шаќири и посочи дека денеска ќе испрати писмо до СОНК и ќе побара од нив да дозволат да се вратат учениците на настава.
-Апелирам до СОНК да им овозможиме на учениците навремено да ја завршат учебната година. Тоа е наша законска, морална и етичка обврска. Наставниците се најважна алка во образовниот процес, но и учениците се важна оска на секоја образовна политика и затоа не смеат повеќе да губат од наставата, рече Шаќири кој на крајот упати и молба до синдикаците кои се на генерален штрајк да овозможат враќање на учениците назад во училишните клупи.