Шаќири: Времето е несоодветно за штрајк, во најскоро време ќе излеземе со понуда до СОНК

Министерот за образование, Јетон Шаќири, вели дека властите во најбрзо време ќе излезат со понуда до СОНК, чии членови-вработени во образованието, науката и културата денеска почнаа штрајк

Шаќири вечерва во „Топ тема“ на Телма рече дека Министерството и Владата од првиот момент се максимално посветени на изнаоѓање решение.

„Мислам дека во текот на овие денови ќе имаме една конечна понуда, но ќе треба да земеме неколку варијабли, квантитативни и квалитативни, кои ги имаме во процесот. Да знаеме како може тоа да биде направено во ситуацијата во која се наоѓаме. Затоа јас неколкупати кажав дека не сме во најдобра економска ситуација“, рече министерот.

Тој вели дека Владата секојдневно добива барања за помош од училиштата – од помош за плаќање на сметките за струја, до блок-дотациите за превоз на ученици.

„Сите имаме непредвидени трошоци во оваа ситуација, повисоки од тоа што беше претходно. Затоа кажувам дека за најбрзо време треба да најдеме решение. Треба да има разбирање од сите страни, времето за штрајк не е соодветно. Ова е прва ситуација кога имаме штрајк во месец април. Една од поголемите забелешки кои ги добиваме е тоа што доаѓа крајот на учебната година, вели Шаќири.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, се согласува дека штрајкот треба што побрзо да заврши и учениците да се вратат во училишните клупи. Но, тој вели дека за парите мора да се најде решение.

„Околу финансиските средства мора да се најде решение, бидејќи тоа не зависи ниту од Јаким, ниту од Витомир, ниту од преговарачите кои што се од страната на СОНК, туку зависи од членството. Ние не можеме да излеземе од оваа ситуација ако немаме конкретен предлог, којшто ќе помине кај членството. Инаку, одлуката ќе се носи по основ на пренесување на понудата од Владата преку синдикалните органзиации, рече Неделков.

Back to top button
Close