Шахпаска: Грижата за најмладите, особено децата без родители и родителска грижа е еден од нашите приоритети
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска беше во посета на СОС Детското село во Скопје, каде што се сретна и разговараше со лицата кои ја менаџираат работата во Детското село, згрижувачите кои во улога на родители пружаат 24-часовна грижа и со дел од децата кои живеат во него.
На средбата, како што информира МТСП, стана збор за сите активности кои се имплементираат во сферата на социјалната реформа, грижата за децата без родители и родителска грижа, а со згрижувачите кои се во улога на родители за нивниот ангажман во склоп на СОС Детското село.
-Грижата за најмладите, особено децата без родители и родителска грижа е еден од приоритетите на Министерството за труд и социјална политика. Се согласивме дека таа грижа треба да биде континуирана, професионална од стручни даватели на услуги кои ќе им даваат поддршка на децата во социјален ризик и ќе се грижат за нивниот воспитно-образовен процес и понатаму во нивната активација на пазарот на труд, посочи Шахпаска.
Министерката го посети и Ресурсниот центар кој има за цел да ги зајакне капацитетите на семејствата за квалитетна грижа и заштита на своите деца и да пружи интервентна поддршка за децата и родителите во криза.
Ресурсниот центар вклучува едукативна поддршка, поддршка во храна, осигурување на нивното физичко, психо-социјално и емоционално здравје и унапредување на животните услови, со цел олеснување на пристапот до правата на децата за развој и заштита.
Во моментот во СОС Детското село згрижени се 57 деца во 13 Згрижувачки семејства со дополнителна поддршка од стручен тим.