Шахпаска: Услугата Помош и нега во домот на стари лица достапна и во руралните средини

Во пресрет на Меѓународниот ден на стари лица – 1 октомври, министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска ги посети Савета Алексова од село Двориште и Параскева Страторска  од село Русиново, кориснички на услугата Помош и нега во домот на стари лица.

– По неколку часови на ден негувателките се грижат за своите кориснички при облекувањето, хранењето, купувањето на лекови, околу хигиената во нивните домови, но најмногу од се, видов дека со нивниот ведар дух, пензионерските денови на Савета и Параскева им ги прават повесели. Овие директни позитивни искуства од услугата што ја добиваат се потврда на исправноста на политиките што ги спроведуваме како Влада и како Министерство, изјави Шахпаска.

Министерката потенцираше дека на средбите со највозрасните граѓани  го гледа нивното задоволството.

-Со децентрализација на социјалните услуги направен е вистински чекор. Денес, возрасните лица помошта ја добиваат во нивните домови каде тие се чувствуваат најдобро, додаде таа.

Градоначалникот на Општина Берово Звонко Пекевски изрази задоволство што Берово е една од првите  општини каде веќе околу два месеци успешно се спроведува  услугата помош и нега во домот, дури и во руралните средини.

 – Задоволни сме што имаме можност да им помогнеме на нашите највозрасни сограѓани, организирајќи ја оваа услуга на локално ниво. Преку тоа на најдиректен начин ја докажуваме грижата за нив, а преку нив и за целата заедница. Токму тие во изминатите децении придонесувале кон развојот на заедницата и заслужуваат достоинствен и удобен живот во третото доба, посочи Пекевски.

Услугата е дел од спроведувањето на сеопфатната социјална реформа во земјава, во рамки на Проектот подобрување на социјалните услуги, што го имплементира МТСП со финансиска поддршка од Светска банка.

-Во општина Берово иницијално новата услуга им е достапна на 60-тина лица. Тие добиваат помош при извршувањето на секојдневните активности. Во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика засега поддржани се вкупно 19 проекти во 24 општини, соопшти Министерството.

Најголем дел од овие проекти се наменети за помош и нега на стари лица во домот, а по еден од проектите е наменет за помош на стари лица во дневен центар, за рехабилитација на деца со попреченост и проект за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост во локалната средина.  За давање на услугите обучени се 300 лица, а се очекува да бидат опфатени околу 900 корисници

Back to top button
Close