„Шанса за Центар“: Гласачките ливчиња би можеле да личат на тетратка, се отвора можност за создавање забуна кај гласачите со појава на слични имиња

Иако прагот за учество на изборите е намален, иницијативата „Шанса за Центар“ порача дека ќе продолжи со собирање потписи за основање на политичката платформа „Независни заедно“.

„Граѓаните кои сакаат да ни дадат поддршка тоа можат да го сторат оваа недела. Ги повикуваме и другите организирани групи низ Македонија да се приклучат“, соопштуваат од иницијативата.

Од „Шанса за Центар“ предупредуваат дека новите правила важат само за овие избори, а неизвесноста околу изборниот процес останува.

Дополнително, велат дека останува во сила членот од законот според кој независните групи на гласачките ливчиња се прикажуваат само со имињата на носителите на листите, без назив на групата.

„Ова отвора можност за создавање забуна кај гласачите со појава на слични имиња – како на пример Билјана Ивановска и Биљана Ивановска, што веќе се случувало на претходни избори“, предупредуваат тие.

Од иницијативата додаваат дека гласачките ливчиња би можеле да личат на „тетратка“ со голем број имиња, каде политичките партии ќе стојат најгоре, а под нив ќе следат долги списоци на независни кандидати.

„Пристапот до медиумите, избирачкиот список и другите ресурси со кои располагаат партиите останува непроменет. Нерамноправноста продолжува“, стои во соопштението.

фото: ФБ

 

Back to top button
Close