„Шанса за Центар“ обвини дека Герасимовски ја бетонизира „Треска“, од општина Центар порачаа: Престанете со манипулации


Од „Шанса за Центар“ денеска го обвинија градоначалникот на општина Центар Горан Герасимовски дека ги крши одлуките и прописите и работи спротивно на сопствените предизборни ветувања.

„Деновиве се објави дека се издадени првите одобренија за продажба на државно земјиште во комплексот ‘Треска’. Со тоа се дооформуваат парцели што е чекор пред издавање на градежни дозволи. Потсетуваме дека 47 отсто од целокупното земјиште на таа локација е државно. Тоа значи дека ќе се гради според незаконскиот план скандалозно донесен во 2012 година. Со тоа се распрсна уште едно предизборно ветување на СДСМ, кога при промената на власта во 2017 година со сите сили застанаа против тој незаконски план и ветија дека ќе се поништи“ рече на прес-конференција Јана Белчева од „Шанса за Центар“

Таа му порача на Герасимовски дека ќе остане запаметен како човек кој го продал државното земјиште во „Треска“ кое можело да се искористи за јавна намена.

Реагираа од општина Центар. Велат дека Јана Белчева изнела низа на лаги и манипулации за просторот кај поранешна „Треска“.

„Прво, ‘Шанса за Центар’ манипулира постојано со површината на државното земјиште. На површина од 41 000 м2, 47 отсто е државно земјиште, од кое само околу 10 отсто е предмет на дооформување и таа постапка за дооформување на градежни парцели е законска обврска на општината. Останатите 37 отсто се наоѓаат под површини планирани за јавна намена, како улици, тротоари, пешачки патеки, блоковско зеленило и не се предмет на отуѓување по ниеден основ. Општината ниту распродава, ниту отуѓува. Напротив, градоначалникот Герасимовски се заложи на просторот да биде донирана и изградена градинка и парк, а блоковското зеленило да биде над задолжителните 20 отсто на парцелите. Не само што нема бетонизација, туку се обезбедува парк и повеќе зеленило како и јавни површини“, посочија од Општината.

Back to top button
Close